Гаши во Мароко: Заеднички, прекугранични решенија за справување со предизвиците на Медитеранот

Макфакс

23/05/2025

15:21

129

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се обрати на Парламентарно-економскиот форум на Медитеранот, кој се одржува во Маракеш, Кралството Мароко.

Форумот претставува важна платформа за унапредување на соработката меѓу медитеранските земји во области како што се економијата, демократијата и одржливиот развој.

Во своето обраќање, Гаши истакна дека Северна Македонија, иако мала по територија, има големи амбиции и јасна визија за иднината.

„Ние ја разбираме моќта на поврзаноста – економска, политичка и човечка“, рече тој, нагласувајќи ја заложбата на државата за регионална соработка и заеднички просперитет.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочува Медитеранскиот регион – климатските промени, миграциите, економските нееднаквости – претседателот Гаши повика на заеднички, прекугранични решенија и истакна дека ваквите форуми се можност за конкретна акција, не само за дискусија.

„Мораме да создадеме механизми за инклузивни инвестиции, да ги охрабриме младите генерации и да ја унапредиме зелената економија. Северна Македонија е подготвена да даде активен придонес“ – рече Гаши.

Тој, исто така, посочи дека Собранието активно работи на усогласување на законодавството со европските стандарди, со цел создавање на транспарентна, праведна и конкурентна економска средина.

На крајот од своето обраќање, претседателот Гаши повика на продлабочување на соработката меѓу парламентите, бизнисите и граѓаните на медитеранските земји, со цел градење на заедничка иднина заснована на мир, просперитет и солидарност.