Објавена нова анкета за популарноста на Зеленски во Украина

Макфакс

14/05/2025

19:53

339

Големина на фонт

а а а

Довербата на украинските граѓани во претседателот Володимир Зеленски се зголеми од 69 отсто во март на 74 отсто во првата половина на мај, покажува новото истражување објавено денеска од Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС), пишува Киев Индепендент.

Ова е највисокото ниво на доверба забележано од КИИС од декември 2023 година, кога 77 отсто од испитаниците го поддржаа Зеленски.

Анкетата е спроведена во време кога украинскиот претседател се подготвува за можна директна средба со рускиот претседател Владимир Путин на 15 мај во Турција, како дел од мировните преговори.

Споредено со истражувањето од март, нивото на доверба е зголемено за пет процентни поени, додека недовербата паднала од 28 на 22 отсто. Вкупната разлика помеѓу доверба и недоверба изнесува +52 процентни поени.

Истражувачите известуваат дека Зеленски ужива мнозинска доверба во сите региони на Украина.

Истражувањето е спроведено од 2 до 12 мај на примерок од 1.010 полнолетни граѓани кои живеат на територии под украинска контрола.

Москва ја покани Украина на директни преговори во Истанбул, откако го отфрли повикот за 30-дневен безусловен прекин на огнот, кој беше поддржан од Украина, Европската унија и Соединетите Американски Држави.

Зеленски ја прифати поканата и рече дека е подготвен утре лично да се сретне со Путин во Истанбул. Кремљ се уште не потврди дали Путин ќе учествува на разговорите, но соопшти дека Русија ќе испрати делегација.

Доколку се одржи средбата, тоа ќе биде прва директна средба меѓу Зеленски и Путин од декември 2019 година, кога тие се сретнаа во Париз како дел од таканаречениот формат Нормандија. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немаше ниту една директна средба меѓу лидерите на двете земји.

Во февруари оваа година, американскиот претседател Доналд Трамп, да потсетиме, го нарече Володимир Зеленски „диктатор“, обвинувајќи го дека одбил да одржи претседателски избори и покрај истекот на неговиот мандат.

Трамп ја објави таа изјава на 19 февруари на неговата платформа Truth Social, а ја повтори и за време на говорот на Флорида.

Изјавите на Трамп предизвикаа осуда од голем број западни лидери, вклучително и британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, кои истакнаа дека Зеленски е демократски избран претседател и дека одложувањето на изборите за време на војната е легитимно.