Оваа година бројката на посетители надмина 30.000 љубители на книгата од различни генерации, со промоција на над 110 дела и автори, денес и официјално е последен ден од Саемот на книга 2025.
Можеби и не е најважно колку луѓе го посетиле, и колку време на него се поминало, колку што е важно што ќе се понесе со себе: нови впечатоци, спонтани средби, разговори што остануваат во мислите и секако книги што го збогатуваат внатрешниот свет.
Вредноста на еден ваков настан не се мери со бројки туку со насмевките што секој ги разменува со луѓе што размислуваат слично, со чувството дека се припаѓа на место каде што книгите се слават како највредно богатство. Тука може и да се седне на кафе со речиси секој љубител на книги, да се добијат препораки за книга што може да го промени и внатрешниот и надворешниот свет.
Саемот е вистински излог за македонските писатели, каде што освен што се претставуваат, тие градат дијалози со нивните читатели и со издавачите. Во годината и во месецот кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, Саемот, кој е национално македонско богатство, овозможува продолжување на афирмацијата на македонскиот литературен јазик не само на Балканот туку и во светот – вели писателот, новинар и публицист Мишо Китаноски.
За читателите е место за уживање, храна за душа како што и е овогодионешниот слоган. На Саемот, за среќа, присуствуваа многу ученици од Скопје, но и од други градови, а и многу дечиња со нивните родители. Бескрајна е радоста кога ќе се видат детски лица загледани во мноштвото шарени книги или кога ги листаат книгите и сликовниците. За некои миговите на овој саем годинава значат и прв контакт со книгата.
Можеби највредното нешто што ќе се понесе од Саемот на книга покрај книгата, е и чувството, тивко но сепак длабоко задоволство дека секој од читателите се наоѓа на место каде што се слават зборовите, а тишината има своја тежина, Секоја корица, на секој штанд има своја тежина и ветување за еден нов свет што го носи внатре. Тоа чувство нема цена и останува долго по завршување на саемските денови, како еден вид белешка во сечија лична приказна.