Азески и Рафуна разговараа за проблемите со камионите на македонско-косовската граница

Макфакс

09/05/2025

14:21

294

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Стопанската комора на Косово и претседател на Коморискиот ивестициски форум (КИФ), Лулзим Рафуна, денеска престојуваше во Комората во Скопје на разговори околу проблемите со подолго задржување на македонски камиони кои транспортираат прехранбени производи на територијата на Косово, под изговор дека задржувањето е поради чекање резултати од лабораториски анализи.

На заедничката средба со претседателот на Стопанската комора и потпретседател на КИФ Бранко Азески, по согледување на состојбите беше констатирано дека трговијата помеѓу двете земји како докажни трговски партнери, мора да се одвива непрекинато.

Исто така, констатирано е дека за конкретниот застој, да се надминат проблемите преку забрзување на протокот на камионите и наместо на меѓуграничниот простор тие да се насочат согласно законската регулатива во магацините и таму да се чека исходот од лабораториските анализи, да се примени принципот на проценка на ризик при спроведување на физичка контрола на граничниот премин, а не да се врши контрола на секоја пратка поединечно и да се иницира двете Влади преку надлежните институции (Агенциите за храна и ветеринарство), да работат на усогласување на сертификатите и нивно заемно признавање зашто е потребно усогласување со европската регулатива.

„Заеднички заклучок од состанокот на Рафуна и Азески, е дека мора да се применат конкретни активности во согласност со политиките на Европската Унија и меѓународните договори, затоа што само така и двете држави ќе покажат дека се сериозни во однос на патот кон кој се насочени, а тоа е членството во Европската Унија“, соопштија од Стопанската комора.

На состанокот, двајцата претседатели на коморите на Косово и Северна Македонија разговарале и за протокот на стоки и услуги кои со изградба на автопатната инфраструктура на Косово добија на интензитет и побрза диманика, а со зголемената функционалност на граничните премини на двете страни се потикнува зголемена ефективност.

Според Стопанска комора, останува да се заокружи уште патната инфраструктура на територијата на нашата држава, каде поради сеуште активните градежни работи се создаваат долги колони возила што го успорува протокот.