Филипче ја следи политиката на Заев, кој со една рака на срце се колнеше во македонска жичка, додека со другата ја распродаваше, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

28/04/2025

09:47

176

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче се гордее со неговиот претходник, Зоран Заев и учи од него. Тој призна дека не сака да се одвои од неговата сенка и дека и народот треба да учи од неговото искуство и политики спроведени во минатото, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Неговите политики спроведени во минатото од Заев, покрај криминал и корупција се предавството на националните интереси. Зоран Заев е човек кој со едната рака на срце се колнеше во македонската жица и тврдеше дека си ја сака земјата, додека со другата ја распродаваше. Откако со Бугарија влезе во процес на преговори и без око да му трепне, Заев прифати се што Бугарите од него побараа. Сега, таа попустлива политика на Зоран Заев спрема Бугарија, до најмал милиметар ја следи и неговиот наследник во СДС, Венко Филипче. Наместо државничка политика за заштита на националните интереси, Филипче инсистира на попустлива и политика на предавство на националните интереси“, според партијата на власт.

Од оваа партија оценуваат дека политиката на Филипче и СДС е предавничка.

„Пред некој ден потврди и Бујар Османи, кој призна дека со дозвола на СДС, со Бугарија преговарал за етнички прашања.

Со вакви погубни и предавнички политики и послушнички и поданички однос кон Заев, не е ни чудно што на последните анкети на јавното мислење, половина од граѓаните Филипче не го препознаваат за лидер на опозицијата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со неговите потези, како што велат, Филипче само потврдува дека СДС продолжува да биде синоним за неспособност, криминал и предавства.