Влезот на технолошките компании на кинескиот автомобилски пазар дополнително ќе ја засили конкуренцијата, предупредува германскиот автомобилски гигант "Volkswagen" (VW).
„Тоа воопшто не ни го олеснува животот“, изјави Ралф Брандштетер, член на управниот одбор на "VW" задолжен за Кина.
Сепак, од "VW" нагласуваат дека се наоѓаат во силна позиција за натпреварување и освојување пазарен удел во Кина, благодарение на нивната напредна технологија.
„Сезоната на плејоф започнува“, додаде Брандштетер, алудирајќи на елиминациската фаза во спортските натпреварувања. „Некои компании можеби ќе нè стигнат, но не сите ќе преживеат.“
Групацијата "Volkswagen" најави голема производствена офанзива на автомобилскиот саем "Auto Shanghai", кој започна во средата.
Во пресрет на саемот, компанијата претстави пет нови модели, од кои три наскоро би можеле да влезат во сериско производство.
Меѓу другото, "VW" на кинеската јавност ѝ го презентираше и новиот модел од исклучително конкурентната компактна класа, кој треба ценовно да се натпреварува со домашната конкуренција.
Возилото би чинело околу 17.000 евра на кинескиот пазар, според Брандштетер.
„Цените во Кина се проблем“, изјави и шефот на брендот "VW", Штефан Меха. Тој нагласи дека конкурентските возила се опремени со технологија, но нивните цени не се реални. За да се добие вистинска слика, автомобилите всушност би требало да чинат двојно повеќе, потенцира Меха, пренесе агенцијата "Hina".