Илјадници демонстранти вчера протестираа во сите 50 сојузни држави на САД против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, поради, како што велат, прекумерната извршна власт, контроверзната имиграциска политика и економската нестабилност, пренесе Би-би-си.
Протестите беа дел од децентрализирана иницијатива наречена „50501“, која потекнува од социјалната мрежа Reddit, а нивното одржување беше симболично закажано за 5 април – ден кој се совпаѓа со 250-годишнината од почетокот на Американската револуционерна војна.
Организаторите повикаа на „ден на акција“ наместо класични демонстрации, со акцент на заемна помош, солидарност и ненасилен отпор. Во рамки на протестите, учесниците организираа акции за чистење населби, собирање храна и хигиенски производи за донации.
Во Вашингтон, илјадници граѓани се собраа на Националната алеја со барање за враќање на Килмар Абрего Гарсија, кој неодамна беше депортиран во Ел Салвадор. Тамошниот протест се спои со штрајкот на вработените во Бирото за заштита на потрошувачите, чии редови биле скратени за 90 отсто. Критики беа упатени и кон Илон Маск и неговата служба ДОГЕ.
Паралелно, пред Белата куќа и резиденцијата на потпретседателот Џеј Ди Венс се одржаа дополнителни собири со слични барања.
И покрај контрапротести и неколку апсења поради наводни напади врз полицијата, протестите поминаа претежно мирно. Масовни демонстрации беа одржани и во Њујорк, Лос Анџелес и уште неколку големи американски градови.