Ракометарите на Алкалоид викендов ќе играат во полуфиналето на Европскиот куп на ЕХФ, а следува првиот од двата планирани натпревари со норвешки Рунар.
Македонскиот претставник во велигденски термин, во недела од 19 часот го пречекува новиот ривал и ќе се обиде да ја продолжи одличната серија во квалитетното европско натпреварување.
Тренерот Кире Лазаров на денешната прес-конференција ги истакна своите очекувања од средбата.
– Не очекува тежок натпревар против квалитетен ривал, а нашата анализа и собраните информации само потврдуваат дека се работи за сериозна екипа со скандинавски стил на игра, кој никогаш не им одговарал на нашите клубови, па и на репрезентацијата. Имаат страшен ритам во сите шеесет минути, секогаш се над 35 голови, што значи ќе ни треба многу енергија за да им парираме.
– Ние на патот до полуфиналето имавме квалитетни противници, но Рунар исто така мораше да елиминира екипи како Целје, Олимпијакос и Бешикташ, клубови кои инвестираат многу во своите ростери.
– За нас полуфиналето секако е успех, посебно што е остварен со голем процент македонски млади играчи, а се надевам дека по тешките натпревари во домашното првенство, ќе имаме сила и енергија да одиграме добар натпревар во недела, – истакна Лазаров.