На прошталниот натпревар на Тевез, Меси и Роналдо првпат ќе играт заедно

Макфакс

16/04/2025

15:40

1.947

Големина на фонт

а а а

Карлос Тевез (41) пред три години стави крај на фудбалската кариера, а сега најави дека ќе приреди спектакуларен проштален натпревар. Ќе настапат легендите со кои Тевез настапуваше во Бока Јуниорс, Коринтијанс, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Јувентус и репрезентацијата на Аргентина.

„Ќе ги донесам Лео Меси и Кристијано Роналдо. Доколку треба лично ќе одам да ги земам, нивните броеви ги имам на WhatsApp“, најави Тевез кој играше со Роналдо во Јунајтед, а со Меси во репрезентацијата.

Аргентинските медиуми шпекулираат дека Роналдо и Меси би можеле за прв пат да играат заедно.

Тевез ги откри и останатите учесници во спектаклот:

„Ван дер Сар на едниот гол, Буфон на другиот. Стопери: Фердинанд, Видиќ, Кјелини, Бонучи. Мора да биде и мојот брат Евра. Што се однесува до играчите од средниот ред – Пирло, Сколс, Рикелме дефинитивно ќе бидат таму, Руни исто така. Треба само да најдеме термин кој им одговара на сите”.

Пред седум години, Тевез одговори на барањето на ESPN да го искаже своето мислење во вечната дебата кој е подобра Роналдо и Меси.

„Кристијано е сосема поинаков во споредба со Меси. Кога Лео почна да игра, тој не доаѓаше ни во теретана, а Роналдо цело време беше таму. Роналдо работеше напорно, а на Меси сето тоа му дојде природно. Мислам дека тоа е главна разлика меѓу двајцата најдобри фудбалери во светот“.