ЈОРСМ: Обезбедувачот на Мицкоски за 50.000 евра продавал полициски тајни за да се објавуваат на социјални мрежи

A1ON.MK

01/04/2025

19:23

2.433

Големина на фонт

а а а

Обвинителство отвори истражна постапка против самостоен инспектор, припадник на Единицата за лично обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, осомничен дека од користољубие сторил кривично дело „оддавање службена тајна“. Тој се сомничи дека сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – ОЈО ГОКК, укажува дека ниту лицата, ниту документите во овој предмет, не се поврзани со лицата и групата од Грчец, како што во текот на вчерашниот и денешниот ден објавија дел од медиумите.

Од ЈОРСМ, информираат дека јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција при ОЈО ГОКК донело наредба за спроведување на истражна постапка против самостоен инспектор припадник на Единицата за лично обезбедување на претседателот на Владата, осомничен дека од користољубие сторил кривично дело „оддавање службена тајна“, за кое по член 360 од КЗ е предвидена затворска казна од најмалку една година.

- Осомничениот како службено лице, вечерта на 30.3.2025 година на паркинг просторот пред хотел во Велес се сретнал со неповикано лице – сведок во постапката и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна. Притоа му дозволил на сведокот истите да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува. На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите, информираат од ЈОРСМ.


Ценејќи ги околностите јавниот обвинител утврди дека се исполнети условите, па на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје му предложи на осомничениот да му определи мерка притвор во траење од 30 дена, кој предлог, како што информираат, бил прифатен од судот.

МВР вчера соопшти дека на 30 март по претходно добиени сознанија за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик, од страна на полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со ОЈО ГОКК спроведена е координирана полициска акција и реализирани се истражни дејствија за претрес на дом, возила и лица на подрачјето на СВР Велес.

– При спроведувањето на полициската акција и преземените мерки и активности, на паркинг просторот пред хотел во Велес, во возило “бмв” затекнати се А.С., полициски службеник во Одделот за заштита на определени личности и објекти и Б.К., а при извршен претрес во возилото пронајден е ранец со службени материјали од МВР и од лицата се одземени мобилни телефони, по што се лишени од слобода, наведоа од МВР.

Полицаецот од Шестата управа во Министерството за внатрешни работи, кој до вчера беше дел од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски се наоѓа во притвор во КУП Затвор Скопје, потврди за МИА, директорот на установата, Бобан Утковски, откако Кривичен му одредил 30 дневен притвор.

По апсењето, од Владата нагласија дека истрагата треба да утврди што се случило и потенцираа дека безбедноста на премиерот не е загрозена.