Туристите сè повеќе ја заобиколуваат Америка: „Едноставно постои чувство на непријатност“

Точка

01/04/2025

20:24

1.481

Големина на фонт

а а а

Како што расте списокот на земји кои издаваат предупредувања за патување во САД, некои посетители се одлучуваат за целосен бојкот. Би-би-си ги открива причините зошто многу странци ги менуваат плановите за патување и што би можело тоа да значи за Американците. Додека американскиот претседател Доналд Трамп спроведува нови политики, наметнува царини за сојузниците и ја спречува имиграцијата, многумина ги преиспитуваат своите планови за патување во САД.

Построгото спроведување на граничните правила неодамна доведе до приведување на некои канадски и европски туристи, поради што Германија, Обединетото Кралство, Данска, Финска и Португалија издадоа предупредувања за патување и совети за патувања во Соединетите држави. Посебно е забележлив студениот однос од соседна Канада, од каде во САД годишно пристигнуваат повеќе од 20 милиони посетители.


Како одговор на царините на Трамп и заканите за анексија, поранешниот премиер Џастин Трудо неодамна ги повика своите сонародници: „Сега е време да ја избереме Канада, а тоа може да значи промена на вашите летни планови за патување и престој во Канада“.

20% помалку Канаѓани ги посетија САД во февруари

Се чини дека Канаѓаните го послушале Трудо. Во февруари, пристигнувањето во САД паднале за повеќе од 20%. Се проценува дека само 10% помалку канадски посетители би можеле да резултираат со намалување на приходите од 2,1 милијарди долари и губење на 14.000 работни места.

Додека некои Канаѓани ги избегнуваат САД поради промените во политиката, други велат дека едноставно повеќе не се чувствуваат безбедни како порано. Канадската новинарка Кејт Дингвол го објасни тоа: „Загрижена сум поради границата и можноста да заглавам некаде, со оглед на тоа колку Трамп е непријателски настроен кон Канада. Во овој момент постои само чувството на непријатност кога станува збор за посетата на Америка“.


Кит Сери, писател и комичар од Монтреал, откажал пет настапи во април во Њујорк поради напнатата политичка ситуација. „Искрено, едноставно не се чувствувам безбедно во САД во моментов. Покрај тоа, чувствувам силна одбивност кон трошењето на моите пари на начин што би можел да ѝ помогне на економијата на непријателската земја“, напишал тој на својата страница на Фејсбук.

Во последниве месеци, некои Канаѓани се соочија со построги безбедносни контроли на границата отколку порано. Една жена стаса на светските насловни страници бидејќи две недели била затворена од имиграциските служби две недели откако ѝ била одземена визата.

„Помалку е ризично да се оди во Португалија отколку во САД“

„Ние сме земја која се гордее со вредностите како што се инклузивност, еднаквост и човекови права. Кога тие вредности изгледаат не се во согласност со она што се случува преку границата, станува потешко да се оправда учеството“, рече Амар Чарлс Маруф, канадски граѓанин кој работи во Светскиот економски форум.

Не е дека Канаѓаните повеќе не патуваат; многумина едноставно ги менуваат традиционалните дестинации. Маруф изјавил дека Мексико, Јужна Америка и Европа изгледаат подостапни во моментов: „Калифорнија ќе биде тука кога сето ова ќе заврши, но едноставно чувствувам дека е помал ризик да се оди во Португалија наместо таму“.


Некои меѓународни дестинации забележуваат зголемување на сообраќајот, што се припишува на пристигнувањето на Канаѓаните кои сега ги избегнуваат САД. „Добивме 20 отсто повеќе барања од Канаѓаните во последните неколку недели“, рече Диармаид О’Саливен, директор за продажба и маркетинг во хотелот „Hamilton Princess Hotel & Beach Club Bermuda“.

Интересно е што сето ова се случува токму во моментот кога САД бележат рекорден раст во секторот патување и туризам. Профсорката на „UNLV“, Марта Солиго укажува на Извештајот за економски трендови на Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC) за 2024 година, кој ги покажа САД како водечки пазар за патувања и туризам во светот.

Наместо раст на туризмот од 8,8%, се очекува пад од 5,1%

Проекциите на американското биро за статистика за труд покажуваат дека американската економија ќе отвори повеќе од 800.000 нови работни места во секторот за одмор и угостителство.

„Таквите податоци нѝ помагаат да ја разбереме важноста на овој сектор во САД, покажувајќи дека помалку туристи од најважните земји би можеле значително да ѝ наштетат на американската економија. Последиците од овие проблеми можат да влијаат и на големите американски корпорации, како синџирите на хотели, но и на малите бизниси“, изјави Солиго за Би-би-си.


Промената на моделите на патување веќе има опиплив ефект врз американската економија. „Tourism Economics“ неодамна ја ажурирал својата прогноза за патување во САД од проектираниот раст од 8,8% на пад од 5,1%. Само во Калифорнија, меѓународните туристи донеле повеќе од 24 милијарди долари на локалната економија во 2023 година.

Иако влијанието на бојкотот на патувањата во САД може да има значителни национални последици, некои аналитичари исто така предупредуваат дека загубата на туристичките долари најверојатно ќе ја почувствуваат и поединци.

„Вработените и малите бизниси во САД се исто така погодени од бојкотот на патувањата“, рече Томас Гудвин, шеф на Здружението на изложби и конференции. Гудвин истакнал дека повеќе од 99% од индустријата за деловни и професионални настани во САД е составена од мали бизниси, а повеќе од 80% од сите излагачи се американски и меѓународни мали бизниси.

Постои и трошок што е потешко да се измери: глобалното влијание на американската култура

„Кога меѓународните деловни патници ќе престанат да доаѓаат во САД, сите — од градителите на штандови и изведувачи на услуги до угостители и индивидуални квалификувани работници — страдаат, а не само политичарите или владата. Бојкотот има домино ефект врз хотелите, таксистите, возилата, рестораните, локалните изведувачи и продавниците“, изјавил Гудвин.

Постои и трошок што е потешко да се измери: глобалното влијание на американската култура.


„Падот на бројот на посетители испраќа порака дека САД ја губат моќта и влијанието што некогаш го имаа преку отвореност, културно лидерство и глобална наклонетост“, рече Нери Кара Силаман, експерт за претприемништво на Универзитетот во Оксфорд, додавајќи: „Ако овој тренд продолжи, може да ги натера туристичките канцеларии или дури и локалните власти да создадат контра-наративи, за да ја повратат довербата. Не сум сигурна дали тоа ќе има ефект бидејќи на крајот владинте политики ја даваат конечната насока и ја обликуваат перцепцијата. На долг рок, ќе ја изгуби својата конкурентност, добра волја и ќе се претвори во затворено општество кое ги задушува растот и иновациите“.

Повеќето Американци немаат никаква врска со политиките што ги фрустрираат патниците

Човечкото влијание на бојкотот исто така се манифестира на безброј начини, истакна Џон Бек, адвокатот од Мисури: „Работев со стотици странци во текот на изминатите 15 години и од прва рака видов како политиките може да резултираат со тоа поединци – обичните патници, студенти, семејства, да бидат погодени. Ретко се работи за политика. Се работи за пропуштени свадби, изгубени деловни зделки или неможност да се посети родител што умира“, рекол Бек.


Тој исто така изјави дека работел со најмалку 80 клиенти кои ги одложиле или откажале патувањата во САД поради реална или перципирана непријателска атмосфера во изминатите неколку години. Ова предизвикува компликации кај поделени семејства, меѓународни компании кои не можат да преселат таленти и изгубени бизниси поради недостаток на слобода на движење.

„Повеќето Американци имаат малку врска со политиките што ги фрустрираат глобалните патници. Тие само сакаат безбедност, праведност и достоинство. Тоа е она што мораме да го заштитиме“, заклучи Бек.