„Скандалите во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски не престануваат. По тендерот добиен од сопругот на државната секретарка Клинчарова, сега јавноста дозна за нов тендер вреден 600.000 денари. Според информации од свиркачи кои јавно ги објавивме, сомнежите се дека овој тендер бил доделен на фирма поврзана со родителите на вработен во ИТ-секторот на истото министерство“, соопшти СДСМ.
„ДПМНЕ не го негираше тендерот туку го потврди а Андоновски досега молчи. Оттука, основани се сомнежите за непотизам, судир на интереси и злоупотреба на јавните пари.
Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за сите тендери во Министерството за дигитална трансформација. Бараме и ДКСК да го прошири предметот и да ја информира јавноста за резултатите од постапката што веќе ја води.
Министерот Андоновски мора да понесе одговорност, а институциите мора да покажат дека функционираат и кога се во прашање функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Дали случајот со тендерските мрежи не е изолиран инцидент, туку дел од поширока шема?
Ова не е партиска тема, ова е прашање на јавен интерес, прашање на правда и борба против системска корупција.
СДСМ нема да престане да ја разобличува вистината. Ќе продолжиме со објавување на сите информации и докази што укажуваат на можни злоупотреби во Министерството, а такви имаме многу“, се наведува во соопштението на СДСМ.