„Трамп и Путин ги иритираше неговата тврдоглавост“
Претседателските избори во Украина би можеле да се одржат уште ова лето, а актуелниот претседател, Володимир Зеленски, има намера да се кандидира за втор мандат.
Ова го објави британскиот весник „Економист“, повикувајќи се на извори од украинската влада.
Според неименувани извори, Володимир Зеленски минатата недела свикал состанок на кој му наложил на својот тим да организира гласање по целосниот прекин на огнот, за кој Американците веруваат дека може да се спроведе до крајот на април.
„Економист“ го наведува Велигден, 20 април, како веројатен датум за прекин на огнот. Британскиот весник исто така посочува дека гласањето за продолжување на воената состојба, која истекува на 8 мај, е закажано за 5 мај во парламентот. Укинувањето на воената состојба е неопходен прв чекор за започнување на изборниот процес.
Изворите наведуваат различни можни датуми за изборите, но повеќето веруваат дека Зеленски има намера да ги одржи летово. Според законот, пред изборите мора да поминат најмалку 60 дена, колку што трае изборната кампања, па најрано тие би можеле да се одржат на почетокот на јули.
Некои извори тврдат дека кампањата ќе трае три месеци, бидејќи изборните власти му посочиле на парламентот дека ќе им биде потребно толку време за ажурирање на избирачките списоци поради војната.
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин биле „иритирани од тврдоглавоста на Зеленски“ и го притискале да организира избори среде војната, убедени дека украинските гласачи ќе му пресудат на изборите и ќе го отстранат од функцијата.
Според „Економист“, пред само два месеци се верувало дека Зеленски категорично се спротивставува на одржувањето избори, но неговиот третман од страна на Трамп на почетокот на март му го зголемил рејтингот и ги променил неговите пресметки. Сега се водат сериозни подготовки Зеленски повторно да им се обрати на гласачите, и тоа наскоро.
Поранешниот украински претседател и лидер на партијата „Европска солидарност“, Петро Порошенко, предвидува дека изборите би можеле да се одржат „во секое време од август до октомври“ и тврди дека кампањата всушност започнала со одлуката на Зеленски да воведе санкции против него во февруари.
Висок владин извор за британскиот весник изјавил дека Порошенко „ја преценува и ја потценува својата важност“.
Неименуван функционер верува дека Зеленски ќе се обиде да ги изненади своите ривали со избори во јули, надевајќи се дека кусиот рок ќе му овозможи да се кандидира без сериозни противници. Според истиот извор, ваквиот расплет на настаните нема да му користи само на Зеленски, бидејќи „долга кампања би ја поделила земјата“.