Украинско разузнавање: 50% од руската муниција е испорачана од Северна Кореја

Макфакс

23/02/2025

17:15

575

Големина на фонт

а а а

Северна Кореја задоволува 50 отсто од потребите на руската муниција во војната против Украина, изјави денеска Кирил Буданов, шеф на воената разузнавачка служба на Украина, пренесува Ројтерс.

Северна Кореја испрати 11.000 војници за поддршка на руските сили, според проценките на Украина, САД и Јужна Кореја, што го означува првото големо учество на Пјонгјанг во војна од 1950-тите.

Буданов на прес-конференција рече дека Северна Кореја, исто така, започнала со големи испораки на самоодни хаубици од 170 мм и повеќекратни ракетни фрлачи од 240 мм во Русија. Северна Кореја веќе испорача балистички ракети на Русија и планира да испрати уште 148 ракети во 2025 година, додаде тој.


Во 2025 година Русија планира да произведе повеќе од 7 милиони артилериски и минофрлачки гранати, изјави Олех Ивашченко, шеф на Украинската служба за надворешно разузнавање. „Русија разбира дека произведува многу повеќе муниција од сите европски земји заедно“, рече тој.

Во однос на ракетите со долг дострел, Ивашченко рече дека се очекува Русија годинава да произведе околу 3.000 проектили.