Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Израел на почетокот на посетата на Блискиот Исток, а првата средба на агендата денеска е со премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Неговата посета доаѓа веднаш откако Хамас вчера ослободи уште тројца израелски заложници во Појасот Газа.
Разговорите на Рубио со израелските лидери најверојатно ќе се фокусираат на продолжување на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Пред да замине на патувањето, Рубио ги повика арапските држави да ги претстават своите предлози за иднината на Појасот Газа, откако американскиот претседател Доналд Трамп предизвика негодувања и неверување со планот за трајно преселување на околу 2 милиони жители во арапските држави.
Според визијата на Трамп, уништениот Појас Газа треба да се трансформира во ривиера на Блискиот Исток под контрола на САД. По Израел, Рубио планира да патува во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Израел ќе работи во координација со САД за да ги ослободи преостанатите заложници што е можно побрзо и се подготвува за она што следува на секој начин, според канцеларијата на Нетанјаху. Додека Нетанјаху, наводно, внатрешно се консултира за иднината на договорот за прекин на огнот, околу 1.000 луѓе синоќа протестираа во Тел Авив повикувајќи на целосна имплементација на договорот, според Тајмс оф Израел.
Демонстрантите го обвинија Нетанјаху дека сака да го спречи продолжувањето на прекинот на огнот за да остане на власт. Тие стравуваат за судбината на преостанатите заложници, од кои 73 се уште се во Газа, а 36 се претпоставува дека се мртви.