Пингвините не се примерни брачни партнери – се „разведуваат“ почесто од луѓето

Точка

05/02/2025

16:17

423

Големина на фонт

а а а

Пингвините, сепак, не се примерни сопружници и симболи на „вечната љубов“ во животинскиот свет, покажа новото долгорочно истражување на мегаколонија на мали пингвини во Австралија.

Додека многу видови пингвини се сметаат за социјално моногамни, идејата дека тие избираат романтични партнери за цел живот претставува погрешно сфаќање.

Ова е случај и со малите пингвини на островот Филип во Австралија, кои често ги наоѓаат истите партнери од година во година. Меѓутоа, експертите сметаат дека нивната стапка на „развод“ понекогаш може да достигне и 50 отсто.


Во период од 12 сезони на размножување, научниците од Универзитетот Монаш документираа 250 „разводи“ меѓу колонијата од речиси илјада спарени пингвини. Тоа е речиси 21 развод годишно помеѓу 2000 и 2013 година.

Од друга страна годишната стапка на разводи, во САД на пример изнесува околу 2,4 бракови на илјада, што е речиси 10 пати помала од онаа кај малите пингвини.

Целата мегаколонија на островот Филип брои повеќе од 37.000 мали пингвини, но експертите објаснуваат дека нивниот примерок е добар показател за тоа што се случува во пошироки размери.


Истражувачите ги броеле „разводите“ во случаи кога означениот пингвин од минатогодишната сезона на размножување следната сезона ќе се појави со нов партнер.

Како што често се случува со луѓето, одлуката на пингвинот да замине или да остане во пар е често под влијание на тоа дали тие имаат младенчиња.

„Кога е добра година, тие често остануваат со своите партнери, иако и тогаш нешто се случува на страна“ објасни екофизиологот Ричард Рејна од Универзитетот Монаш, кој ја проучува колонијата веќе 20 години.

„Меѓутоа, во лошите репродуктивни сезони тие можат да се обидат да најдат нов партнер за следната сезона за да ги зголемат шансите за успешно парење“, додаде Рејна.

Се покажа дека малите пингвини не се премногу верни, но тие не се единствениот вид пингвини кој ја разбива нашата илузија за „вечна љубов“.