Состанок на Муртезани со претседателот на ЕЕСК: Проширувањето на ЕУ не е само институционален процес, туку трансформација која мора да ја водат сите сегменти на општеството

Макфакс

05/02/2025

11:44

181

Големина на фонт

а а а

Вториот ден од работната посета на Брисел, министерот за европски прашања Орхан Муртезани го започна со средба со Оливер Ропке, претседател на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), на која се разговараше за улогата на економско-социјалните партнери и граѓанското општество во евроинтегративниот процес.

Министерот Муртезани ја поздрави иницијативата на ЕЕСК за подлабока вклученост на граѓанскиот сектор, синдикатите и стопанските комори во процесот на проширување и истакна дека инклузивноста и широкиот општествен дијалог се клучни за успешно спроведување на реформите поврзани со европската интеграција. Тој нагласи дека Северна Македонија веќе има развиени механизми за вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики, вклучително и процесот на европска интеграција, но дека е потребна поконкретна соработка и со европските институции за продлабочување на оваа соработка. Тој подвлече дека учеството на граѓанските организации во европските платформи, како што е ЕЕСК, е вредна алатка за споделување искуства и добри практики, како и за јакнење на јавната поддршка за реформите што ги бара ЕУ.

Двете страни се согласија дека проширувањето на ЕУ не е само институционален процес, туку трансформација која мора да ја водат сите сегменти на општеството. Министерот Муртезани ја реафирмираше подготвеноста на Владата на Северна Македонија да ја зајакне соработката со ЕЕСК, со цел подобро искористување на можностите што ги нуди овој комитет за вклучување на граѓанскиот сектор во европските процеси.