Познатиот шпански актер Антонио Бандерас деновиве се наоѓа во Мадрид каде што се подготвува за премиерата на својот нов мјузикл „Gypsy“, но и покрај напорниот распоред и илјадници километри оддалеченост, неговите мисли се со ќерките кои живеат во Лос Анџелес.
Во своето последно интервју, 63-годишната ѕвезда на „Десперадо“ и „Зоро: Маскираниот одмаздник“, Антонио Бандерас, зборувал за своите ќерки – 28-годишната Стела и 35-годишната поќерка Дакота Џонсон, кои секоја на свој начин, запловија во светот на филмот.
„Стела не е толку заинтересирана за глума. Таа сака да биде зад камерата и во тоа се пронајде. Таа веќе режираше неколку реклами и кратки филмови. Претпоставувам дека еден ден ќе сними и долгометражен филм, но премногу е срамежлива за да биде пред камерите“, открил Бандерас.
Како што рече, од друга страна, неговата поќерка Дакота Џонсон изгради успешна актерска кариера со улоги во филмови како „Педесет нијанси сива“ и „Мадам Веб“. Интересно е тоа што Дакота понекогаш му дава совети на својот „папи“, како што таа нагалено го нарекува.
„Неодамна се подготвував за една улога, па ја замолив Дакота да ми помогне околу текстот. Таа ми рече: „Во ред, папи, но внимавај, мислам дека малку претеруваш“, низ насмевка се присетил Бандерас.
Актерот не крие дека сака еден ден да глуми во филм со Дакота.
„Тоа би било големо задоволство за мене. Всушност, првиот филм во кој таа се појави беше „Луди во Алабама“, кој јас го режирав. Таа имаше само седум години и беше одлична, ги следеше упатствата и правеше сè како што треба.
Бандерас исто така потсетил дека на истиот сет била и тукушто родената Стела.
„Таа беше вистинска кралица на драмата. Секогаш кога ќе кажев „акција“, таа почнуваше да плаче“, низ смеа раскажал актерот.
Во тој филм од 1999 година, поранешната сопруга на Бандерас, Мелани Грифит ја играла главната улога и заедно се погрижиле снимањето да биде забавно искуство за нивните деца.
И покрај бројните професионални успеси, вклучувајќи ги неодамнешните филмови „Babygirl“ со Никол Кидман и „Paddington in Peru“, како и претстојната реклама за Супер Боул, Бандерас нагласува дека неговата улога на татко и понатаму останува најважна во неговиот живот.