Новак Ѓоковиќ порано од посакуваното го заврши настапот на турнирот во Бризбејн, но сега веќе е фокусиран на Аустралијан Опен и уште една нова можност да ја збогати својата грен-слем колекција.
Во пресрет на почетокот на турнирот во Мелбурн, српскиот тенисер вели дека непријатната епизода од пред три години и натаму му претставува вистинска траума.
Ѓоковиќ во 2022 година пристигна во Австралија без примена ковид вакцина, пет дена престојуваше во имиграциски хотел и потоа беше депортиран, односно не му беше дозволен влез во земјата.
– Последните неколку пати кога слетував во Австралија и ја минував граничната контрола, ми се враќаше траумата од тоа што се случи пред три години.
– Таму уште има препознатливи траги, па кога ја минувам пасошката контрола, проверувам да не доаѓа некој од имиграциската зона. Кога ми го проверуваат пасошот, помислувам дали ќе ми дозволат да поминам, дали ќе ми го одземат пасошот, дали ќе ме вратат, признавам дека ми се појавува непријатно чувство.
– Но, не држам лутина, знаете дека дојдов овде веќе следната година и победив. Моите родители и најблиски тврдат дека тоа била мојата најемотивна победа, – изјавил Ѓоковиќ.