Милан се врати од два гола негатива во второто полувреме и направи голем пресврт во дуелот со градскиот ривал Интер во финалето на италијанскиот Суперкуп.
Пресметката во Ријад донесе атрактивен и возбудлив натпревар со многу шанси на двете страни, а ова посебно важи за второто полувреме кое донесе четири гола и многу нереализирани шанси.
Лаутаро Мартинез донесе водство за Интер пред крајот на полувремето, а Тареми го зголеми водството во 47. минута по одличната асистенција и долга топка на Де Фрај.
Можеби Симоне Инѕаги и неговите фудбалери помислија дека се на чекор до трофејот, но стигна одговор од спротивната страна. Најпрвин Тео Ернандес намали од слободен удар по слабата реакција на Јан Зомер, а влегувањето на Леао донесе свежина во редовите на Милан, па „росонерите“ успеаја да израмнат со голот на Пулишич во 80. минута.
Милан успеа да направи целосен пресврт со голот на резервистот Ејбрахам во 93. минута, предизвикувајќи голема радост за своите фанови во Ријад, но и ширум светот.