Распишана потерница и предложен притвор за осомничен во предметот „Адитив“

Макфакс

30/12/2024

17:10

1.288

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го прими Решението на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со кое предлогот за определување мерки за претпазливост против осомничен во предметот „Адитив“ се отфрла, наведувајќи дека осомничениот не е достапен на органите на прогонот.

„Согласно своите законски надлежности, јавните обвинители кои постапуваат во предметот до судијата на претходна постапка веднаш доставија Жалба по однос на донесеното Решение за отфрлање, како и Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот која мерка ќе биде активна по неговото пронаоѓање. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена.

Применувајќи ги одредбите од Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР доставија Наредба за распишување на национална потерница и Изјава за распишување на меѓународна потерница по осомниченото лице“, соопштија надлежните.

Истрагата за предметот „Адитив“ започна на 10 овој месец и со него се опфатени 23 физички лица и четири правни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.