Седумдесет отсто од даночните обврзници платиле во законски рок

Макфакс

29/12/2024

11:48

577

Големина на фонт

а а а

Во текот на декември, даночните обврзници успешно ја исполнија својата обврска за плаќање на данокот на личен доход, социјалните придонеси и ДДВ, што е одраз на одговорни даночни обврзници и усогласеност со законските обврски, соопшти Управата за јавни приходи.

Во однос на бруто – плата за месец ноември 2024 година, 70,650 работодавачи имале обврска да исплатат плати и социјални придонеси за 552,030 вработени лица.

Во законскиот рок до 16 декември, 49,911 или 71% од работодавачите ја исполниле обврската и исплатиле бруто плати и социјални придонеси за 482,276 од вработените лица.

Ова значи дека за 87% од вработените во државата социјалните придонеси се уплатени навремено.


Овој резултат покажува одговорност и посветеност на работодавачите со цел исполнување на даночните обврски на време, што има директен позитивен ефект и врз социјалната сигурност на работниците.

Што се однесува до обврските за ДДВ, 98,7 % од регистрираните месечни ДДВ обврзници навремено ги поднесоа даночните пријави за месечниот период од 01 – 30/11/2024 година.

Од вкупно 7,284 даночни обврзници, 4,025 во даночните пријави пријавиле даночен долг за ДДВ и имале обврска за уплатат 3,399,369,827 денари, од кои 70% или 2,811 од даночните обврзници навремено ги исполниле своите обврски при што уплатиле 78 % од вкупно пријавениот долг, односно уплатиле вкупно 2,652,711,966 денари.

За даночните обврзници кои не ги платиле даночните обврски во законскиот рок, Управата за јавни приходи редовно постапува согласно дадените законски овластувања со мерки за глоба за неподнесена даночна пријава и присилна наплата на неплатениот даночен долг.

„Промовирајќи култура на позитивни односи со даночните обврзници, Управата претходно доставува известувања на сите кои задоцниле со потсетување доброволно да ги платат доспеаните даночни обврски, а потоа доставува опомени согласно закон и спроведува присилна наплата од парични средства на сметка во банка (блокада на сметка)“, додаваат од УЈП.

Целта на Управата за јавни приходи е да постигне висок степен на навремено исполнување на даночните обврски како показател за ефикасно собирање на даночните приходи, заради што делува проактивно и превентивно пренесувајќи соодветни пораки до јавноста и до секој даночен обврзник.