Турската војска уби 21 курдски милитант во северна Сирија и Ирак, соопшти денеска Министерството за одбрана.
Министерството објави дека 20 милитанти од Курдистанската работничка партија (ПКК) и милитантите на сириските Курди, ЈПГ, кои се подготвувале за напад, биле убиени во северна Сирија, а еден милитант бил убиен во северен Ирак.
„Ќе продолжиме со нашите операции ефективно и решително“, додаде Министерството.
ПКК, која Турција, Европската Унија и Соединетите Американски Држави ја прогласија за терористичка организација, почна вооружен бунт против турската држава во 1984 година, а повеќе од 40.000 луѓе загинаа во конфликтот.
По падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад претходно овој месец, Анкара инсистира ЈПГ да се распушти тврдејќи дека групата нема место во иднината на Сирија.
Продолжуваат непријателствата во североисточна Сирија меѓу сириските фракции поддржани од Турција и ЈПГ. Анкара редовно изведува прекугранични воздушни напади и воени операции насочени кон ПКК, која има бази во планинските региони на северен Ирак.