Министерството за внатрешни работи информира дека денеска во периодот од 09.30 до 14.20 часот полициски службеници од СВР Тетово со судска наредба извршиле претреси во дом и други простории кај Б.А.(40) во с. Селце, тетовско, како и во дом и други простории кај М.Д. (43) од с. Селце и продавница, како и во три импровизирани тезги во Тетово сопственост на С.М.(35) и М.А.(54) двајцата од Тетово и Ј.Н.(56) од с.Буковиќ, скопско.
При претресите се пронајдени 75.889 парчиња пиротехнички средства и 346 килограми тутун, велат од МВР.
Лицата се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Вчера, пак, на градскиот плоштад во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Н.Б.(48) од Кавадарци, затоа што при извршениот преглед кај него и во неговото патничко возило биле пронајдени и одземени разни видови на пиротехнички средства. Потоа, по издадена судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом, како и во објект на градскиот плоштад кој го користел, каде исто така биле пронајдени и одземени разни видови на пиротехнички средства. Вкупно биле одземени околу 9.100 разни видови на пиротехнички средства. По комплетирање на целокупната документација, во координација со јавен обвинител, против Н.Б. ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ казниво по чл. 396 од КЗ.