Грузија ќе ги прекине преговорите со Европската унија

Макфакс

28/11/2024

19:46

895

Големина на фонт

а а а

Владејачката партија во Грузија објави дека земјата ќе ги прекине преговорите со Европската унија до 2028 година и ќе го отфрли европското финансирање, со што практично ќе ја запре својата кандидатура за членство.

Во соопштението за печатот, владејачката партија Грузиски сон ја обвини ЕУ за навреди, за користење на пристапните преговори за уцена и организирање револуција во земјата.

„Одлучивме дека нема да го ставиме на дневен ред прашањето за отворање преговори со Европската унија до крајот на 2028 година. Исто така одбиваме какви било буџетски средства од Европската унија до крајот на 2028 година.


Јужнокавкаската земја со население од 3,7 милиони го запиша својот пристап во Европската унија во својот устав и традиционално е најпрозападна од сите поранешни советски републики.

Грузиските односи со Брисел нагло се влошија во последните месеци. ЕУ претходно објави дека апликацијата за членство на Грузија е замрзната.

Анкетите покажуваат дека околу 80 отсто од Грузијците го поддржуваат членството во ЕУ и знамето на Европската унија се вее заедно со грузиското национално знаме на сите владини згради.

Грузискиот сон уверува дека еден ден сака да се приклучи на Европската унија, но во изминатите години постојано се занимаваше со дипломатски спорови со Брисел и ги продлабочи односите со соседна Русија.

Претходно денеска грузискиот премиер Иракли Кобахидзе изјави за новинарите дека членството во ЕУ може да и наштети на економијата на Грузија, бидејќи Тбилиси ќе мора да ги откаже визните договори и трговските договори со други земји.


ЕУ ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година, но критикуваше одредени закони што ги турка Грузискиот сон оттогаш, вклучувајќи ги законите за странски агенти и правата на ЛГБТК, како авторитарни, инспирирани од Русија и како бариера за членство.

Западните земји оценија и дека изборите во октомври, на кои блокот Грузиски сон освои речиси 54 отсто од гласовите, се полни со нерегуларности. Опозициските партии рекоа дека изборите биле наместени и одбија да ги заземат своите места во парламентот.

Европскиот парламент донесе резолуција со која се бара поништување на изборите и нивно повторно распишување, како и воведување санкции против клучните функционери на Грузискиот сон.

За време на посетата на Казахстан, рускиот претседател Владимир Путин ја пофали храброста и карактерот на грузиските власти при донесувањето на законот за странски агенти, што домашните критичари го споредија со руското законодавство.



Спонзорирани линкови

Маркетинг