Таравари ја прими вакцината против грип и повика граѓаните да се заштитат: Спречува компликации, особено кај повозрасните што имаат и други болести

Макфакс

24/10/2024

10:56

177

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Арбен Таравари, и директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, утрово се вакциинираа против грип и повикаа тоа да го направат и здравствените работници и граѓаните што спаѓаат во групата ранливи категории, односно лицата што имаат други болести и повозрасните. Досега вакцина против грип примиле 10.000 граѓани.

„Има посебна веб-страница на која може да се јават сите граѓани, ‘Вакцинација.мк’. Досега се пријавени 52.000 граѓани, кои треба да примат вакцина на 36 пункта, кои се отворени во државата. Ја користам пригодата да ги повикам сите граѓани, особено оние што се ранливи категории, да ја примат оваа вакцина бидејќи оневозможува да се појават компликации, особено кај повозрасните луѓе, кои имаат и други коморбидитети“, рече утрово министерот Таравари.

За заштита од сезонскиот грип Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје набавија вкупно 70.000 вакцини. Од денес на терен излегуваат мобилни екипи за вакцинирање на здравствените работници.

„На инсистирање на министерот за поголема ефикасност, а во договор со него, Институтот за јавно здравје формира мобилни екипи, кои од денес ќе почнат да одат на терен во здравствените установи од три причини. Прво, да им олесниме на здравствените работници, второ, да ја зголемиме бројката на вакцинирани и нашата трета цел е да бидеме поефикасни, да завршиме побргу за да може Институтот да продолжи и понатаму со вакцинација на другите граѓани, да го искористиме и овој пункт“, рече директорката Андоновска.

Вакцинацијата против сезонскиот грип почна минатата недела.



Спонзорирани линкови

Маркетинг