Се чека решение од Таравари за да се прецизира кој е виновен за случајот со починатото бебе, велат од Лекарската комора

Макфакс

18/10/2024

13:19

158

Големина на фонт

а а а

По добиениот извештај од извршен надзор над стручната работа на Универзитетската клиника за детски болести – Скопје и ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје, подготвен од страна на комисијата за стручен надзор на министерот за здравство, а во врска со лекувањето и третманот на починатото дете Р. С., Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора вчера одржа седница и заклучи дека најголем дел од пропустите нотирани во извештајот е системски пропуст во овие здравствени установи, информираат од Лекарската комора.

„Лекарската комора, на 16.10.2024 година, во попладневните часови од Министерството за здравство го доби извештајот од извршен надзор над стручната работа на Универзитетската клиника за детски болести – Скопје и ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје“, подготвен од страна на комисијата за стручен надзор формирана од министерот за здравство, а во врска со лекувањето и третманот на починатото дете Р. С.“.

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора, утредента, на 17.10.2024 г., одржа седница на која го разгледа овој извештај и во однос на наодите Комората го дава следното мислење:

Комисијата за етички и правни прашања нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на комисијата за стручен надзор формирана од страна на Министерството за здравство, ниту самоиницијативно да утврдува мерки, особено затоа што не располага со медицинската документација врз основа на која извештајот е изготвен.

Најголем дел од пропустите нотирани во извештајот е системски пропуст во овие здравствени установи за кои Комората нема директна надлежност, но изразува голема загриженост затоа што сериозно го засегаат работењето на здравствените установи и квалитетот на здравствените услуги. Веруваме дека здравствените установи како надлежни за овој сегмент од извештајот, во соработка со министерот за здравство, во зададените рокови ќе ги отстранат пропустите.

Во однос на стручните пропусти во третманот нотирани во извештајот, Лекарската комора може да постапува само во рамките на законски утврдена постапка во согласност со Законот за здравствената заштита, односно само врз основ на решение изготвено од страна на министерот за здравство. Во конкретниот случај вакво решение досега не е доставено до Комората, а таа и нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај.

Лекарската комора ќе постапи веднаш, во согласност со своите надлежности и ингеренции, штом добие решение од министерот за здравство, со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки во согласност со законските прописи. Целосно ја разбираме потребата на јавноста за побрзо лоцирање и утврдување одговорност, но постапувањето надвор од законските прописи и ингеренции носи ризик одлуките да бидат обжалени и прогласени за ништовни“, се истакнува во соопштението.



Спонзорирани линкови

Маркетинг