Тиктокерката Миа Вестрап стана позната откако почна да објавува видеа на кои покажува како изгледа „рецептот за подобар живот“ откако решила да не оди на пазарење една година.
Иако се чини дека таа е само уште една млада девојка која го снима секое нејзино движење на ТикТок, Миа е 26-годишна докторантка од Велика Британија која објасни дека минатата година била под стрес бидејќи се борела да врзе крај со крај од месец во месец поради трошоците и решила да најде начин да го прекине секојдневното консумирање и да заштеди во исто време.
Миа одлучила да помине една година без да оди на пазарење и објаснила како оваа одлука ѝ помогнала во другите аспекти од нејзиниот живот, не само финансиски.
„Пораснав во ниската работничка класа и кога отидов на факултет, немав идеја како да управувам со парите. За три години студирање стигнав до пречекорување од 3.000 фунти. Кога дипломирав и добивав подобро платени работни места, секогаш ми недостигаа пари без оглед на тоа колку сум платена“, објаснила таа.
„Мислев дека не водам екстравагантен начин на живот, но вистината е дека постојано излегував на вечери и пијалаци и купував облека и книги што ги сакав“, додала таа.
Со оглед на тоа дека не можела да заштеди пари, Миа решила да проба како изгледа животот без купување во период од една година, а целиот процес го документирала на ТикТок.
Како изгледа рецептот за живот без пазарење?
„Не купувам ништо освен она што е апсолутна потреба. Единственото нешто што навистина си дозволив, а не е баш потребно, се билетите за кино. Живеам веднаш до киното и тоа ме прави среќна. Одам можеби еднаш или двапати месечно и ме чини околу осум или девет фунти, а јас носам свои грицки“, рекла таа.
„Веќе не јадам надвор, не купувам храна во мали продавници и навистина се трудам дома да ги подготвувам оброците. Што се однесува до излегувањето за пиење, се држам само до вода и тоа не ме спречи да им се придружам на моите пријатели“, открила таа.
„Отпрвин мислев дека тоа ќе биде голема промена, но беше јануари и сепак не сакав да ја напуштам куќата бидејќи надвор беше студено. Беше потешко во лето кога сакав да купам летна облека, да одам во паб, да се почестам и да го доживеам летото од соништата“, објасни таа.
Одлука која ѝ го променила животот
Држејќи се до нејзините строги правила, Миа се чувствува како да се ослободила од голем товар.
„Сега, ако некој во мојот живот има итен случај, знам дека ќе можам да се справам со тоа, што ми олеснува. Исто така, оваа одлука ми помогна да изградам позначајни односи. Во минатото, премногу долго останував во врски бидејќи се чувствував како да не сум во доволно добра ситуација за да бидам сама. Сега во сите аспекти од мојот живот чувствувам дека имам повеќе слобода и независност“, заклучила таа.