Во болницата во долината Бека, една од осумте административни единици во Либан, сместени се стотици ранети по израелските напад.
Токму во моментот кога дописничката на „BBC“, известуваше од педијатрискиот оддел на интензивната нега, каде се лекуваат децата ранети во израелски напади, се случија нови напади во близина на болницата во Бека.
„Слушнавме звук на авиони над нас, прво снема струја, а потоа следуваше експлозија којашто ги затресе прозорците“, вели новинарката.
На болничкиот кревет, лежи шестгодишното девојче по име Нур, со завои на главата, несвесно за најновиот напад. Нејзината мајка Рима, седејќи покрај нејзиниот кревет и молејќи му се на Господ, ги опишува деталите.
„Таа е многу бистро и дружељубиво дете. Сите ја сакаат. Сега нејзината судбина е во Божји раце“, вели мајката Рима.
Инаку, Нур беше ранета на куќниот праг в понеделник, во текот на израелскиот напад.
Лекарот, др. Басел Абдалах, вели дека состојбата на Нур е критична. Черепот ѝ е напукнат, а имала и мозочно крвавење.
Нејзиниот брат Мохамед, бил полесно повреден во нападот, и веќе е пуштен на домашно лекување.
Таткото на Нур, Абдала Ал Мусави, изјави за „BBC“ дека неговите деца биле родени по третмани за вештачко оплодување кои траеле 10 години.
Стоејќи над креветот, тој изрази огорченост спрема меѓународната заедница и Израел. „Јас не сум Хезболах. Мојата ќерка е само дете коешто се играше во дворот“, вели Абдала.