Откриена напредна комуникација меѓу мајмуните: Мармосетите меѓусебно си даваат имиња

Точка

14/09/2024

17:40

2.906

Големина на фонт

а а а

Мармосетите, мали мајмуни познати по својата дружељубивост, можеби имаат пософистициран начин на комуникација отколку што мислевме, открија научниците.

Според новото истражување објавено во списанието „Саенс“ (Science), овие мајмуни користат специјални вокални повици, наречени фи (phee) повици, за да се идентификуваат едни со други што сугерира на тоа дека користат имиња.

Откритието ги става мармосетите меѓу ретките видови кои користат имиња, покрај луѓето, делфините и слоновите. Научниците дошле до овој заклучок со снимање на гласните интеракции на мармосетите во парови и во разговор со компјутер. Откриле дека „phee“ повиците се користат исклучиво во комуникација со други мармосети и се разликуваат помеѓу поединците, што укажува на тоа дека тие служат како форма на име.


„Откривме дека мармосетите користат повици за гласно да ги обележат своите ривали, да ги разликуваат повиците упатени до нив од оние што не се, и можат правилно да одговорат на идентитетот на повикувачот“, напишаа истражувачите во трудот.

Тие, исто така, откриле дека мајмуните реагирале попрецизно кога повикот „phee“ бил директно упатен до нив. Ова откритие ја нагласува сложеноста на социјалната комуникација меѓу мармосетите.

„Овие повици не се користат само за самолокализација, како што се мислеше претходно – мармосетите ги користат овие специфични повици за да означат и да им се обратат на одредени поединци“, рече Дејвид Омер, ко-автор на студијата и истражувач во „Центарот за истражување на мозокот - Сафра“ на „Хебрејскиот универзитет“ во Израел.


Научниците, исто така, открија дека мармосетите во семејствата користат слични гласовни знаци, дури и ако поединецот не е роднина по крв, туку живее со семејството. Ова сугерира дека тие имаат форма на дијалект и учат вокални ознаки од другите членови на групата.

„Забележано е дека мајмуните од иста семејна група користат слични повици за гласно да ги обележат другите и користат слични акустични карактеристики за да го кодираат идентитетот на другите. Беа забележани сличности дури и меѓу генетски неповрзани поединци, што имплицира дека вокалното учење може да се случи кај возрасните членови на семејната група“, напишаа истражувачите.


Научниците сугерираат дека оваа форма на комуникација можеби еволуирала за да им помогне на мрмосетите да останат во контакт во нивните природни живеалишта во прашумите, каде што можеби не можеле добро да се видат и затоа не можеле визуелно да ги идентификуваат членовите на семејството.

„Мармосетите живеат во мали моногамни семејни групи и заедно се грижат за своите млади, слично како и луѓето“, рече Омер. „Овие сличности сугерираат дека тие се соочиле со споредливи еволутивни општествени предизвици како нашите рани предјазични предци, што можеби ги навело да развијат слични методи на комуникација“, додава тој.


Ова откритие може да има импликации за начинот на кој настанал човечкиот говор и социјалната комуникација, бидејќи мармосетите можеби развиле делови од мозокот поврзани со јазикот слични на оние на луѓето.




Спонзорирани линкови

Маркетинг