Пензионираниот воен полицаец Крешимир Пахоки (51) денеска нешто по 10 часот уби пет лица во Домот за стари и изнемоштени лица во Дарувар, а уште неколку ранил. Една од жртвите е неговата мајка.
Како што неофицијално дознава mojportal.hr, Крешимир наводно, како и речиси секој ден во последните 10 години, седел пред продавница во Долен Дарувар и пиел пиво, непосредно пред крвавиот поход. Во еден момент дошол зад пожарникарскиот дом и го замолил домарот да го одвезе него и уште еден пријател до градот. Домарот му рекол дека не може бидејќи има работа.
„Мислев дека треба да оди до банкомат или нешто слично. Воопшто не ми падна напамет дека има намера да направи нешто такво. И потоа слушам за ова. Не знам што да ви кажам, во шок сум“, со растреперен глас раскажал домарот за порталот.
Според информациите со кои моментално располага хрватскиот портал, мајката на Крешимир веќе 10 години била сместена во Домот за стари и изнемоштени лица во Дарувар.
Неофицијално се дознава дека Крешимир прво дошол во кафе барот Дарувар каде си нарачал пијачка, а потоа ги почестил гостите кои во тој момент биле во кафулето. Велат дека бил сосема смирен и рекол: „Одам да направам нешто“.
Се разбира, никој не можел ни да помисли дека наскоро ќе следи незапаметена трагедија за Дарувар.
Крешимир дошол во домот, влегол внатре и почнал да пука. Ја убил својата мајка, уште тројца штитеници и еден негувател, а ранил повеќе лица. Потоа, тој мирно излегол на улица и се вратил до кафулето во близина каде очигледно решил да ја чека полицијата која брзо се појавила и го уапсила.
Сопственичката на домот Ана Ивандекиќ во состојба на целосен шок е пренесена во општата болница во Пакрац, а пред домот се собрале неутешните роднини на настраданите лица.
Полицијата претходно веќе имала работа со Крешимир Пахоки. Имено, како што рекле негови познаници, тој пред еден месец по целодневно пиење пред продавница во Долни Дарувар, фрлил познаник на скали каде имало шишиња.
Поради тежината на повредите, мажот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во општата болница во Бјеловар и завршил на абдоминална хирургија. Наводно пред тоа Крешимир му држел пиштол во устата.
„Порано беше добро момче, беше воен полицаец на служба во Загреб. Но, откако замина во пензија алкохолот очигледно го направи своето“, изјавил еден жител на Дарувар кој сакал да остане анонимен.