Влегувањето на Џим Ретклиф како косопственик во Манчестер Јунајтед донесе и промени на директорските позиции, а покрај неколку веќе потврдени ангажмани, останува неизвесен „потписот“ на Дан Ешворт.
Актуелниот директор во Њукасл треба да ја преземе функцијата спортски директор во Манчестер Јунајтед, но „црно-белите“ засега не сакаат да го ослободат од важечкиот договор и тој привремено не ги извршува обврските поради ситуацијата во која се најде.
Ешворт го информирал клубот дека сака да се пресели во ривалскиот клуб на 19. февруари и оттогаш се обидува да се ослободи од обврските кон актуелниот работодавец, но раководството на Њукасл бара отштета која не е прифатлива за Манчестер Јунајтед.
Следен чекор е Ешворт да побара арбитража, односно трета независна страна да одлучи како да се реши проблемот, иако англиските медиуми тврдат дека Њукасл е во поповолна позиција и затоа и не стравува од некакви правни проблеми.
Пред да работи во Њукасл, Ешворт извршуваше слични функции и во ВБА, Брајтон и Англиската фудбалска асоцијација.