„Ќе се видиме на суд“: Министерката Костадиновска-Стојчевска најави тужба за клевета против градоначалничката Арсовска

Нетпрес

17/04/2024

12:50

1.151

Големина на фонт

а а а

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ќе добие кривична пријава за клевета најави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Причина за тоа се „инсинуациите и небулозите дека знаела за пожарот, но не пријавила веднаш“, но и за другите работи за кои беше обвинета од Арсовска. Таа додаде дека нема да дозволи Универзална сала да биде дел од политичко препукување и дел од изборната агенда на Арсовска.

– Обвинувањата не заслужуваат внимание бидејќи се измислена приказна. Таа самата детално ќе објасни во тврдењата за мене. Изгледа добро ѝ оди со судски тужби. Ако сака да биде обвинител и истражител, нека повели. За клеветите ќе се видиме на суд. Не само што покажа негрижа за градот и немање слух, туку покажа и дека единствениот начин со неа е само преку суд – рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека градоначалничката нема да успее да ја спречи реконструкцијата со вчерашната прес-конференција.

– Граѓаните не треба да се сомневаат, ниту да имаат страв дека Бисера или кој било друг од Министерството за култура направил упад во системот за јавни набавки.


Упадот во системот на Бирото за јавни набавки е карактеристика за едно друго време во кое градот и државата ја водеа оние коишто ја направија неа градоначалник, нејзините од ВМРО-ДПМНЕ. Во наше време има уредно барање пратено до Бирото за јавни набавки и уредно добиен одговор за промена на инвеститор како што налага Договорот склучен со Град Скопје. Нема упад, има само уште една лага од Арсовска. Симптоматично е како за Арсовска станал проектот небезбеден кога досега потпишала неколку документи за почеток на негова реализација. Истиот тој проект кој Арсовска го спори и тврди дека е фалсификат беше исплатен преку системот за добивање градежна дозвола до Градот за пресметка на комуналии, Градот изготви таква пресметка, а Министерството за култура ја плати за што имаме и потпишан Договор за комуналии. Таа се потпишала на документи низ овие постапки и со тоа ја потврдува безбедноста и овој чекор моравме да го почнеме повторно заради немање интерес и волја Арсовска да почне со реконструкцијата бидејќи одобрението за реконструкција беше истечено – порача Костадиновска-Стојчевска.

Министерката рече дека Универзална сала е осигурана и ќе им биде вратена на граѓаните.

– Универзална сала не е личен имот на Данела Арсовска. За објектот одлучуваше Советот на Град Скопје. Ако тие одлучат, тогаш тоа е процес на којшто не можеме да влијаеме. Не можам да кажам во која осигурителна компанија е осигурана Универзална, бидејќи тоа е дел на изведувачот. Арсовска се обидува да го скрие својот неуспех и неспособност за реконструкција на Универзална сала. Не само што две години не презеде ништо и остави да пропаѓа и да ’рѓосува салата, Арсовска дополнително го оштетиле Буџетот за реконструкција на салата со 20 милиони евра, пари на граѓаните, заради нејзин личен хир и желба да не се изгради. Арсовска поради одлагањето на реконструкција изгуби судски спор и го оштети Буџетот на граѓаните наменет за реконструкција – додаде Костадиновска Стојчевска.


Посочувајќи дека Град Скопје предупредил дека проектот не обезбедува безбедна изградба, Арсовска вчера вели дека иако се сопственици на објектот, не биле информирани за отпочнување на градежните активности на концертната сала. По тврдењата на надлежните дека објектот е осигуран и штетата ќе биде покриена, градоначалничката бара одговор каде, кога и од кого е осигуран проектот и на која вредност.

Обраќајќи се пред новинарите на вчерашната прес-конференција, Арсовска рече дека е нејасно зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила и зошто ако работниците и инженерот на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач.



Спонзорирани линкови

Маркетинг