Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо

Макфакс

29/03/2024

16:39

957

Големина на фонт

а а а

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.

Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.

„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.

Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.

Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.

„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.

Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.

Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг