Ова е новиот дизајнер на „Valentino“: Отказот во „Gucci“ и шокантните контроверзии не влијаеле на неговото именување

Точка

29/03/2024

11:42

4.860

Големина на фонт

а а а

Нов креативен директор на брендот „Valentino“ ќе биде Алесандро Микеле, поранешниот креативен директор на брендот „Gucci“.

Откако пред две години беше отпуштен од „Gucci“, Алесандро Микеле, познат по својот гик-шик стил („штреберска“ елеганција), се враќа на голема врата, и тоа ни помалку ни повеќе туку како дел од „Valentino“.

Поранешниот дизајнер Пјерпаоло Пичоли минатиот петок го напушти „Valetino“, за речиси една недела подоцна да најават дека во директорската фотелја на познатата куќа од Рим ќе седне уште еден Италијанец.


Неговата деби колекција под знамето на „Valentino“ ќе биде за пролет/лето 2025 година: според досегашните планови, таа ќе биде претставена за време на овогодишното септемвриско издание на Париската модна недела на најочекуваната ревија на сезоната.

„Тоа е неверојатна чест“, рече Микеле за неговото назначување во изјава за „Vogue Business“ денес. Тој додаде: „Чувствувам голема радост и голема одговорност да се приклучам на оваа позната куќа за висока мода која го има зборот „убавина“ врежан во нејзината колективна приказна, составена од препознатлива елеганција, префинетост и екстремна грациозност“.


Во „Gucci“, способноста на Микеле го трансформираше богатството на брендот, речиси тројно зголемувајќи ги приходите од 3,5 милијарди евра во 2014 година на 9,73 милијарди евра во 2022 година. Тоа е една од причините зошто, по неговото заминување во ноември истата година, продолжија шпекулациите за неговиот следен креативен дом. На крајот, сите патишта водеа во Рим.

Покрај тоа, случајот на Микеле ја покажува суровоста на модерниот корпоративен свет, каде сè се сведува на профит од кој сопствениците и акционерите никогаш нема да бидат задоволни. Микеле заврши одлична работа во „Gucci“, но бидејќи продажбата започнала малку да опаѓа, веднаш беше сменет од страна на раководството.

Микеле претходно беше обвинет за расизам, поради креирањето на контроверзна ролка налик фантомка бидејќи наводно „карикирала лице на човек со темна боја на кожа“.


Во интервју за „Telegraph“, Микеле ги негираше овие наводи, велејќи: „Воопшто не сум расист. Но, сега гледам дека бев неук. Не го видов тоа затоа што не знаев (во што гледав)“.

Валентино Гаравани ја започна својата истоимена куќа заедно со неговиот партнер Џанкарло Џиамети во 1960 година. Помеѓу неговото основање и неговото пензионирање 48 години подоцна, Гаравани создаде огромна ризница на интензивно романтична женска облека и, од 1969 година, машка облека. Брендот „Valentino“ се поврзува со раскошните женски силуети, дамскиот стил и секако автентичната црвена боја.



Спонзорирани линкови

Маркетинг