Филмот е најдобар амбасадор на една земја - потребна е стратегија за иднината на младите режисери

Точка

03/01/2024

11:49

104.389

Големина на фонт

а а а

Интервју со проф. Антонио Митриќески, реномиран македонски режисер познат по многу филмски остварувања, меѓу кои „Деца на сонцето“, „Преку езерото“, „Како лош сон“, документарецот „Љубовта на Кочо Топенчаров“ и многу други.

Митриќески е професор на Драмскиот факултет во Скопје на Катедрата по филмска и ТВ режија, напишал три универзитетски учебници за филмот како уметност, книга за теорија и практика на документарен филм и има издадено три збирки поезија. Еден од поводите за интервју со режисерот е и неодамна добиената државна награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста. Проф. Митриќески зборува за актуелните и идните проекти, за вистинските вредности и верува дека образованието, науката и уметноста може да ги инспирираат и да ги поттикнат луѓето да прават големи работи.

Добитник сте на државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста. Иако ова признание говори за вашите врвни достигнувања во македонската и кинематографијата воопшто, си дадовте ли себеси аманет за уште поголеми заложби за афирмација на македонската култура и уметност?

Ви благодарам за поканата да бидам со вашите читатели по повод државната награда Св. Климент Охридски. За мене оваа награда е од големо значење, особено поради името кое го носи Св. Климент Охридски, кој е нашиот прв изворен автор, просветител и основач на Охридската книжевна школа. Знаеме дека тој ја предводел борбата за опстанок преку книжевноуметничка и образовна дејност.


Затоа, треба да бидеме вечно благодарни за сите подвизи на големите имиња низ нашата историја.

Оваа наградата ме прави уште поодговорен, од една страна, а од друга ми дава голем поттик за мојата натамошна режисерска дејност. Да кажам и тоа дека оваа награда доаѓа во една зрела фаза од мојот творечки подвиг, ме мотивира да работам, да продолжам и да опстојам во сите околности на нашето битисување, во сите лични и творечки премрежја, кој навистина во овие 4децении сум ги имал многу....бидејќи знаете ние уметниците колку сме сензитивни во однос на надворешните случувања кои се рефлексија на нашиот креативен концепт.

Наградата Св. Климент Охридски, мене ме обврзува да дадам уште поголем придонес во општеството, особено во правец на поттикнување на идните генерации да опстојат и останат во Македонија, да веруваат дека и во нашата земја со труд и работа во иднина ќе ги постигнат своите цели.

На што работите во моментов, има ли на повидок проект со којшто ќе ја израдувате македонската публика?

Да, во овој период се посветив на мојот нов филмски проект и на заокружување на моето целокупното искуство, како режисер и како професор, со издавање три универзитетски учебници за потребите на своите студенти на Катедрата по филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.


Знаете, за еден човек-режисер кој сѐ претвора во слики, ги визуелизира мислите, ми беше предизвик сето акумулирано знаење да го преточам со зборови во теорија, односно целата практика да ја оформам со сопствена методологија за потребите на студенти на филмска и ТБ режија, камера и монтажа.

Овие учебни помагала се единствени на македонски јазик за изучување на спецификите во граматиката на филмскиот јазик.

Насловени се Филмот како уметност, во три дела од идеја до премиера, со посебен акцент на снимателскиот дел.

Досега студентите преведуваа од други јазици, така што сметам овој материјал ќе остане како траен белег за идните генерации кои ќе го изучуваат филмот во нашава средина.

Кои се Вашите планови за блиска иднина? Можеме ли да очекуваме ново филмско остварување или пак нешто друго?

Со Божја волја, да во моментов работиме на нов филмски проект, поддржан од Агенција за филм на Р. Македонија. Моите идни планови се компленто поврзани и зависат од реализацијата на овој филмски проект. Филмот опфаќа случка од Прва светска војна во Македонија, на локации Галичица, и двете езера, Охридското и Преспанското. Темата е поврзана со болеста „маларија“ која во тоа време ги косела војските на двете страни и населението, и една потрага по лекот како вистински своевиден подвиг на хуманоста.


Идеите и концепциите карактеристични за тоа време, во кое се случува дејствието се надоврзуваат на современите сознанија и актуелните состојби во светот во борбата против вирусите.

Во овој момент сме во фаза сме на копродукциски договори. Здравје боже, следната година би требало да снимаме, но еве засега нека остане една мала тајна која ќе ги поттикне вашите читатели да дојдат и да го гледаат овој филм.

Како професор кој постојано е во контакт со помладите генерации, детектирате ли таленти и што треба да направиме истите да останат и да творат во Македонија?

Веќе 3,5 децении сум дел од професоркиот кадар на Факултетот за драмски уметности во Скопје, при УКИМ, во одделот за филмска и ТВ режија.

Со гордост можеме да кажеме дека излегоа генерации квалитетни млади режисери уметници, кои се присутни на филмските фестивали низ Европа, па дури и до номинација на највисоката светска филмска награда Оскар.

Знаете, работата на еден филмски режисер е снимањето, практичната надградба и искуството кое се стекнува при тоа.


Добриот режисер мора континуирано да го надградува своето знаење и својот занает.„...Да се биде режисер не значи само да се има талент, или стручно знаење, туку е потребна и психичка отпорност која му овозможува на младиот човек да опстане како режисер“.

За жал, во овие економски услови, филмот е скапа и комплексна работа, затоа младите имаат потешкотии во текот на студентските денови да ги реализираат своите кратки филмови.

Затоа треба да имаме стратегија за иднината на младите режисери откако ќе дипломираат, стратегија која секоја година ќе ги поддржува со дебитантски филмови, која ќе го разгорува нивниот ентузијазам за снимање, да бидат во постојана кондиција, затоа што филмот е најголемиот амбасадор на една земја.

Всушност секој режисер после едно дело прави согледувње на она во кое успеал, или не.

Остатокот од интервјуто можете да го прочитате ТУКА.



Спонзорирани линкови

Маркетинг