Доказ дека медицината напредува секојдневно е овој случај од Уганда. Имено, 70-годишната Сафина Намукваја родила близнаци.
„Тоа е извонреден подвиг“, изјавил нејзиниот лекар, д-р Едвард Тамале Сали кој ја следел бременоста и породувањето со царски рез во болницата за потпомогнато оплодување.
Сафина го нарекла раѓањето на своите близнаци, момче и девојче, „вистинско чудо“.
„Мајката и децата се во добра здравствена состојба и се под опсервација во болницата во Кампала“, изјавил д-р Тамале.
Сафина живее во селото Масака, кое е оддалечено 120 километри западно од главниот град, а своето прво дете, девојче, го родила пред 3 години. Таа немала деца со нејзиниот прв сопруг, кој починал во 1992 година, и поради тоа била етикетирана како „проколната“.
Жителката на Уганда го запознала својот втор сопруг во 1996 година, но тој не присуствувал на породувањето и всушност исчезнал кога дознал дека таа носи близнаци.
„Откако сум примена тука, тој не се појави“, кажала таа.
Не е објавено дали бременоста е постигната преку донирана јајце клетка или Намукваја ги замрзнала сопствените јајце клетки додека била во фертилното доба.