Каде е и што прави денес „Ице“ од Наше маало: „Ние сме држава која си ги 'јаде' сопствените деца. Системот на 'вредности' ни ја расплака мајката“

Точка

25/09/2023

09:00

135.124

Големина на фонт

а а а

Веројатно многумина од вас, кои беа верни обожаватели на популарното „Наше маало“, се прашуваат каде е и што прави денес малиот „Ице“ од серијата.

Бојан Велевски денес е успешен стендап комичар, кој настапува речиси во сите градови во државата. Неговиот долгогодишен труд и напорна работа, заедно со неговиот менаџер Јане Јанев (сопственик на Lollipop entertainment group), ги крунисува со голема стендап турнеја во 10 градови во Македонија.

Како што вели самиот актер, целта на оваа стендап турнеја, која големото финале ќе го има на 18-ти ноември во Станица 26 (билетите можете да ги купите ТУКА), е да го сврти вниманието на публиката кон домашните артисти. Воедно, да ги поттикне и охрабри стендап комичарите во Македонија да имаат повеќе стендап настапи со побројна публика.

Со поддршка од Lollipop, Vatanmed Clinic Macedonia, Подравка и Реморкер, Велевски полни сали и ја забавува публиката, а токму тоа е и поводот за денешното Точка интервју со стендап комичарот.


Бојан, публиката те запозна преку популарната серија „Наше маало“, во која го толкуваше ликот на Ице. Како гледаш денес на тоа твое актерско остварување, кое дефинитивно остави печат на твојата кариера?

„Наше маало“ остави печат на една цела генерација. Ние кои бевме во серијата, заедно растевме со нашите врсници, кои секоја недела беа пред телевизор од 19:00 до 20:00ч. Тоа беа едни други времиња. Игралиштата и улиците беа празни додека се емитуваше серијата. Секоја генерација заслужува свои херои. Мислам дека ние добро си ја завршивме таа задача за нашата генерација.

Во кој момент од животот сфати дека глумата, односно актерството ќе биде твоја професија?

Многу пред „Наше маало”, тоа е сигурно. Уште во градинка имам изрезено интерес, на девет години веќе сум дел од драмско студио, а дури на единаесет доаѓа „Наше маало“, една година подоцна и „Големи и мали“.


Колку е тешко или лесно во Македонија да бидеш успешен актер? Да имаш моќ, дали нешто би променил?

„Тешко и лесно“ – тоа е индивидуално и релативитет. Секој од нас различно се носи со овие две состојби. Мене лесно не ми било сигурно. Да бидеш дел од двете најгледани ТВ серии во поновата историја на Македонија, да завршиш факултет како еден од најистакнатите во својата генерација, ТВ и играни филмови зад себе, денес ја создаваш најголемата стендап турнеја во овие граници и еве десетина години по факултетот да не си дел од ниеден реномиран театар, тоа е суровата реалност на оваа земја. Ние сме држава која си ги „јаде“ сопствените деца, сопствените таленти. Системот на „вредности“ ни ја расплака мајката! Што би сменил?

Токму ова - квалитетот и талентот пред сè. Без тоа, сме осудени на пропаст во секоја област.

Како дојде до идеја за стендап турнејата низ Македонија - „Све ли ја да мислам?!“?

Три години работиме на оваа турнеја. Во Lollipop за сите артисти се гради стратегија на среден и долг рок. Нема ништо „апансас“, нема ништо одеднаш. За разлика од останатите, ние работиме со план, визија и конкретни чекори. Секој си има свои задачи и рокови. За нас оваа турнеја е завршена работа. Сега само се врши реализација. Јас веќе знам што ме чека веднаш по турнејата, што ме чека наредната година, што е планот за следните три и каде сакаат од Lollipop да бидам за пет години.


Дали „Све ли ја да мислам?!“ е остварување на твојот сон? Дали реалноста е подобра од очекувањата?

Турнеја со одлична организација, реномирани спонзори, стокмен брендинг, ПР, полни сали... Што може да посака еден артист повеќе од ова? Денес оживуваат сликите кои ги проектирав пред десетина години кога почнав со стендап. Реалноста се израмни со нашите желби. Нема поубаво.

Во кој град во Македонија имаш најголемо „добредојде“, каде обожуваш да настапуваш?

Кога знаеш дека публиката доаѓа за тебе, ја чувствуваш енергијата и топлото добредојде кога ќе се појавиш на сцена, секој град ти е како дома.


Што да очекуваме од долгонајавуваното стендап финале на 18-ти ноември во Скопје?

Спектакл!

Бојан, дали навистина „Све ти му ја мислиш“?

Сите ние му ја мислиме по малку, ама не ми е јасно што мислат овие што треба да му ја мислат(?).


За крај, како би ги охрабрил сите читатели на Точка кои се плашат да ги живеат своите соништа?

Што е твое ќе си дојде, ама и ти мораш малку да го побараш.



Спонзорирани линкови

Маркетинг