НАСА испраќа ракета кон Месечината, на Флорида се очекуваат илјадници гледачи

Макфакс

03/09/2022

10:11

27.118

Големина на фонт

а а а

Туристи желни за проучување на вселената ќе се соберат денеска на Флорида за да бидат сведоци на невиден спектакл: лансирањето на новата ракета на НАСА кон Месечината, која би можела да привлече до 400.000 луѓе, велат локалните власти.

НАСА во вторникот објави дека повторно ќе се обиде во сабота да лансира џиновска ракета од следната генерација кон Месечината, откако првиот обид во понеделникот не успеа поради технички проблем.

Огромна ракета од новата генерација треба да ја однесе капсулата без екипаж на шестнеделен пробен лет околу Месечината и назад, во мисијата „Артемида 1“, педесет години по последната мисија „Аполо“ на Месечината.

Наведена како најмоќна и најсложена ракета во светот, џиновската ракета со две фази „Space Launch System“ (SLS) го претставува најголемиот нов систем за вертикално лансирање изграден од американската вселенска агенција откако „Сатурн V“ полета на Месечината за време на програмата „Аполо“ во 1960-тите и 70-тите години.

Вселенскиот центар Кенеди, од каде што е планирано да биде лансиран, е затворен за јавноста, но гледачите ќе можат да ја видат ракетата како се издигнува кон небото и да го слушнат нејзиниот татнеж од околните плажи.

Дон Вокер, претставник на округот Бревард, очекува толпа луѓе на лансирањето, помеѓу 200.000 и 400.000.

Фактот дека лансирањето сега веќе не се очекува во работен ден, туку на викенд – кој е исто така долг викенд со државен празник во понеделник – како и неговиот историски карактер, придонесуваат за очекуваниот успех во посетеноста, објасни за АФП, Меган Хапел од Туристичката канцеларија на Флорида.

„На посетителите им се препорачува да заминат порано за да избегнат сообраќајни метежи, кои се очекуваат три или четири часа пред полетувањето, закажано за 14:17 часот (18:17 часот по Гринич)“, додаде таа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг