Првата жена пилот на хеликоптер во земјава за Точка: „Летањето е слобода каква што нема кога се чекори по земја“

Точка

16/07/2020

12:30

11.943

Големина на фонт

а а а

Ива Матиќ (31) од Скопје е магистер на Факултетот за електротехника и информациски технологии, воедно таа е и првата жена воен пилот и првата жена пилот на хеликоптер во историјата на Македонија, дел од АРМ во периодот 2014-2019. Моментално е кадет на обука за комерцијален пилот на една од најголемите европски авиокомпани. Целото интервју со оваа млада и успешна девојка прочитајте го во продолжение.

Кога првпат ти се појави љубовта кон оваа професија?

Најверојатно на аеромитингот на Стенковец на кој што ме однесе татко ми кога бев многу мала. Меѓутоа започна да се претвора во реалност кон крајот на моето студирање. И бев темпераменто дете па оттаму знаев дека статичната, канцелариска работа не е за мене. Исто така бев, и сè уште сум, воодушевена од воздухоплови, вселенски летала, астрономија, астрофизика, и сè што е поврзано со небото и слободата која доаѓа со него. Па кога сето ова ќе се собере, љубовта кон професијата пилот природно си доаѓа.


Како реагираа твоите блиски кога им кажа дека сакаш да бидеш пилотка, со оглед на тоа дека си прва жена воен пилот и прва жена пилот на хеликоптер во земјава?

Самото пријавување на конкурсот од страна на најблиските беше дочекано со негодување, меѓутоа желбата ми беше преголема и целта беше поставена. Подоцна секако ја прифатија мојата желба и најголемата поддршка ја имав токму од нив и приjателите. Сега се горди родители на првата жена пилот на хеликоптер во државава.


Кој е најголемиот предизвик со кој си се соочила за време на летање?

Имало неколку, и повеќето биле задачи кои сум требала да ги извршам со хеликоптерот, како на пример слетување на непристапни и ограничени терени. Тука спаѓаат слетувањето со хеликоптерот Bell 206 на Солунска глава, долги летови со хеликоптерот Ми-17/8 кои траеле околу три часа (што е прилично напорно кога се лета со хеликоптер) низ нашата убава пејзажна држава за која се потребни голема концентрација и физичка и психичка спремност, вежбање на летови со подвесен товар, и уште многу други предизвици. После ваквите летови сум излегувала од хеликоптер буквално 'ко да сум била под туш'.


Дали со тебе летале некои познати личности? 

Бидејќи досега летовите ми биле за потребите на нашата армија, некои многу познати личности не биле во мојот хеликоптер, освен ако за позната личност се смета еден од поранешните министри за одбрана.


Во кој момент воздухопловот е во 'најголема опасност'? 

Не постои термин како “најголема опасност” во авијацијата, само има моменти на поголема концентрација и внимание од страна на сите членови на екипажот. Вообичаено тоа се моментите на полетувањето и пред слетувањето.


Поконкретно, дали некогаш си била во ситуација кога постоела можност да не слеташ? Што се случи потоа?

Да, сум била во такви ситуации. Има посебни процедури, како со авион така и со хеликоптер, за продолжување со летот и повторен обид за слетување, секако доколку околностите го овозможуваат тоа. Ако не сме во можност да слетаме на истото место го бараме следното најблиско до него.


За најголем дел од луѓето ова е доста ризична професија. Но, како се чувствуваш ти пред секој лет?

Пред секој лет, смирено и сконцентрирано. Во текот на секој лет, фантастично, магично, мирно, спокојно, бидејќи пред мене постојано се отвараат нови широки хоризонти, сите различни, а сепак исти. Летањето е слобода каква што нема кога се чекори по земја.


Што се случува во кабината, дали смееш да разговараш со некого, што смее, а што не смее да се прави за време на лет?

Комуникацијата е основа за успешно управување со воздухопловот, комуникацијата меѓу екипажот и на екипажот со контролата на летање. Инаку во кокпитот постојано се набљудува теренот и околината, се навигира, се проверуваат инструментите, се следат процедурите, консултации на екипажот за секоја намера во летањето, сетоа тоа што е потребно за успешно завршување на летот. Секако имаме и опуштени разговори додека трае летот.


Кое ти е најпоставувано прашање?

Првпат имам вакво прашање на интервју. Најверојатно “Зошто сакаше да станеш пилот?”


Кој е твојот совет за сите кои се плашат од летање?

Не се плашете. Авијацијата е статистички најбезбедниот вид на превоз. Последен податок кој го прочитав е дека околу 20 пати е побезбеден од патување со автомобил. А системите во воздухопловите се дуплирани, поважните и триплирани во случај на отказ, но откази навистина екстремно ретко се случуваат. Секако, и да се случат постојат процедури со кои ние пилотите можеме да го слетаме воздухопловот безбедно. Како и да е, авијацијата е превозот на сегашноста и на иднината, и е веќе секојдневие.


Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг