Поцков и Глигоров за Точка: „Побарувачката е голема. Ефикасноста на овој уред за уништување на вируси и бактерии е 100 проценти“

Точка

05/05/2020

15:15

13.610

Големина на фонт

а а а

Клиниката за инфективни болести доби „УВ Гард“ за дезинфекција од вируси и бактерии, донација од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров.

„УВ Гард“ e уред со УВ зраци за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии, со цел зајакнување на условите во оваа установа каде се сместени и се лекуваат пациентите кои се заразени и позитивни на коронавирус.

Ова што Ивица Поцков и Никола Глигоров го направиле не е воопшто наивно и нешто што треба да помине незабележано. Токму затоа, тимот на Точка накратко поразговара со овие двајца иноватори од Свети Николе, кои нѝ дозволија да ја дознаеме целата приказна, уште кога била само идеја.

На почеток, го прашавме Поцков како дојдоа до идеја за ваков изум, бидејќи, и покрај тоа што моментално сите се наоѓаме среде пандемија, никој друг освен нив не направи уред со УВ технологија. 

„Ситуацијата со коронавирусот која во моментов е закана за здравјето на граѓаните, секако беше главната причина која нè потикна да размислуваме за решение со кое би помогнале во борбата против Covid-19.
Имаме среќа бидејќи имаме искуство со УВ технологија и нејзината улога и дејство врз микроорганизмите, и истата ја применувавме и во претходни наши проекти.
Уредот кој го конструиравме и го нарековме Ув Гард е мобилен, лесно подвижен низ простории, има вградени батерии со можност за полнење, кои му даваат предност за дезинфицирање на делови каде нема електрична инсталација. Зрачи во сите правци во просторијата и се управува од далечина, а со тоа целосно е заштитено лицето кое управува со уредот“
, вели Поцков.  


Никола Глигоров, пак, нѝ го објасни времето и процесот на реализација на овој Ув Гард, кој особено во овој период е од исклучителна важност.

„Начинот на кој е конструиран UV GUARD и решенијата кои се имплементирани, ги развивавме сами. Голем дел од компонентите можат да се најдат на пазарот, некои моравме сами да ги увезуваме, а некои се модифицирани, за да добиеме ефикасна економична комбинација од неколку технологии во еден апарат кој може да помогне во борбата со која сите секојдневно се справуваме.
Времето за изработка е неколку дена по уред. Највеќе време нѝ одзема увозот на гербицидните компоненти кои во моментов не се достапни во регионот поради кризата и истите ги увезуваме од Холандија. Воглавно останатите компоненти можат да се најдат на нашиот пазар. Кај нас сè уште нема слични уреди, тие се користат во напредните болници и нивната цена е многу висока“, објаснува Глигоров.  

Двајцата се едногласни кога станува збор за важноста и користа на технологијата, па оттаму се повлекува прашањето колкава е моменталната побарувачка за овој уред.

УВ технологијата е позната како една од најефикасните во светот за борба против вируси и бактерии и истата во моментов се користи во најнапредните болници во Кина, САД, Велика Британија, Германија и други, како заштита од коронавирусот.
Ефикасноста за уништување на вируси и бактерии е 100 проценти.
Разликата помеѓу хемиската дезинфекција и дезинфекција со Ув зраци е тоа што хемиската дезинфекција може да се применува само на тврди и мазни површини и има места кои се недостапни со таквата дезинфекција. Предноста на увц зраците е што може да дезинфицираат секакви површини како текстил, нерамни повшини, недостапни места како и воздухот наоколу и не остава никакви траги“
, вели Поцков


„Предноста на Ув Гард е тоа што вградуваме број и моќност на ув лампи соодветно според големината на просторијата и потребите за која се користи.
UV-C зраците со бранова должина од 254 нано метри и ги елиминираат микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, при што им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција.
Времето за дезинфекција е сведено на минимум. За вирусите од фамилијата на Covid се потребни околу 10 минути, а за сите останати микроорганизми помалку од половина час. По третманот просторијата може веднаш да се користи.
Количината на озон кој се ослободува е занемарлива бидејќи озонот не се ослободува над 200 нано метри, поточно штетно количество на озон се ослободува на бранова должина од 185Nm, а лампите на Ув Гард работат на 253.7Nm“
, додава Глигоров

„По донираните уреди во Инфективната клиника во Скопје, Болницата 8-ми Септември, болниците во Кавадарци и Свети Николе, изработуваме во моментов уште 5 уреди кои исто така ќе бидат донирани во текот на оваа недела. 
Паралелно тестираме два концепти за индустриска намена. Тоа се уреди со над 20 пати поголема моќност од претставениот модел што имаат за цел за дезинфекција на големи површини како молови, училишта, фабрики и слично. Истите ќе бидат завршени до крајот на наредната недела.  


Нема да застанеме овде. Ќе изработиме толку уреди колку што е потребно да ги покриеме сите здравствени институции. Да ги заштитиме здравствените работници, бидејќи тие се нашите херои“, заклучуваат овие двајца иноватори, кои заедно со министерството за здравство, здравствените работници и сите кои се засегнати во борбата против коронавирусот, бестрашно се спротивставуваат и несебично помагаат


Ц.Н.



Спонзорирани линкови

Маркетинг