Кошаркарите Леброн Џејмс и Ентони Дејвис направиле тетоважи во чест на трагично загинатиот колега Коби Брајант.
И двајцата го избрале мотивот на црна мамба бидејќи тоа беше прекарот на Коби, а фотографиите од тетоважите ги споделиле на своите профили на социјалните мрежи. Леброн ја сместил тетоважата на левото бедро, а Дејвис на десното.
“Црна мамба” беше прекарот кој Коби си го даде себеси, а го означуваше неговото алтер его. Во документарецот “Muse Bryant” откри дека го креирал прекарот за да си помогне во текот на најтешкиот период од својот живот, во периодот од 2003 до 2004 година.
“Од супер играч кој имаше сè пред себе, за една година дојдов до личност која немаше поим што ја чека во животот. Морав да се поделам, толку многу работи се случуваа одеднаш. Сè беше ужасно збунувачки. Морав да ги организирам работите, па така ја создадов ‘Црната мамба’”, раскажал Коби во една прилика.
Објаснил дека “Коби” бил дел од неговата личност која се борела со личните предизвици, додека “Црната мамба” била посветена на кошарката.
И двајцата кошаркари се огласија на социјалните мрежи по смртта на Брајант и го изразија својот шок и болка од веста, но и споделија колку го сакале Коби.
“Не сум спремен за ова, но ете. Седам тука и се обидувам да напишам нешто, но секој пат кога ќе помислам на тебе, Џиџи и пријателството/поврзаноста/братството кое го имавме, почнувам да плачам. Те сакам, голем брату. Моето срце е со Ванеса и децата. Ветувам дека ќе го продолжам твоето наследство”, напишал Џејмс во емотивната објава.
“Ова ми е многу тешко. Ти беше првиот кој ме зеде под закрила и ми покажа како стојат работите во лигата. Имавме толку одлични разговори за толку многу работи и тие моменти ќе ги паметам засекогаш. Те сакам засекогаш”, напишал Дејвис.