Колку бои има виножитото? На ова прашање, различните култури имаат различни одговори.
Грчкиот поет Хомер тврдел дека виножитото има само една боја: виолетова. Филозофот Ксенофан велел дека гледа три бои: црвена, жолто-зелена и виолетова. Сите во текот на ренесансата биле согласни дека виножитото има четири бои: црвена, жолта, зелена и сина. Подоцна додале и петта боја – виолетова.
Денес, нѝ се чини дека сите знаат дека виножитото има седум бои. Меѓутоа, не е баш така. Кинезите, на пример, сè уште тврдат дека виножитото го сочинуваат пет бои.
Зошто е толку тешко да се одреди колку бои има виножитото? На крајот на краиштата сите го гледаме, зарем не? Одговорот зависи од самата личност која брои.
Не постојат јасни граници кои ги раздвојуваат боите, па луѓето гледаат онолку бои колку што знаат називи за нив. Лицата со големо познавање на боите гледаат над сто нијанси, додкеа некој кој баш и не знае многу за нив гледа и помалку од седум.
Њутново виножито
Денешното уверување за седумте бои на виножитото потекнува од Исак Њутн кој го поставил ваквото тврдење во 1666 година.
Причината е сосема лична: Њутн верувал дека сè во вселената се појавува во седморка – седум дена во неделата, седум планети (Уран и Плутон тогаш не биле откриени), седум ноти во музичката скала итн.
Согласно на ова, тој претпоставил и дека виножитото има седум бои. Ја додал портокаловата боја помеѓу црвената и жолтата, а виолетовата ја поделил на индиго и виолетова нијанса.