Турција прави голем етнички инженеринг: Најавено е преселување на 1 милион бегалци на североистокот на Сирија

Точка

10/12/2019

16:16

2.637

Големина на фонт

а а а

Турскиот претседател најави преселување на 1 милион сириски бегалци на територијата на североисточна Сирија која моментално е под турска окупација.

Се чини дека Турција не се откажува од својата иницијална идеја за североистокот на Сирија. Имено, Реџеп Таип Ердоган порача дека неговата земја ќе организира операција за преселување на еден милион сириски бегалци од Турција на сириска територија која е под окупација на турската армија од пред неколку месеци.

Во разговорот за државните медиуми Ердоган порача дека Турција сама ќе го финансира преселувањето на бегалците доколку не добие помош од своите сојузници. Турскиот претседател не откри кога „големата преселба“ треба да започне, но според некои извештаи, веќе е во тек.


Да потсетиме, на територијата на Турција во овој момент се наоѓааат повеќе од 3,5 милиони сириски бегалци. Иницијално, Ердоган најавуваше дека во Сирија ќе пресели околу 2 милиони бегалци, но најверојатно ќе го „намали“ планот.

Според аналитичарите, тоа се должи на фактот што турската армија не успеа да заземе поголема територија пред да биде сопрена пред притисоците од САД.


Планот вклучува и изградба на населби на просторот помеѓу сириските градови Рас Ал Аин и Тел Абјад. Инаку, станува збор за градови во кои живее курдско етничко население, кое според планот на Анкара веројатно ќе биде протерано.

Голем број на аналитичари сметаат дека со ова Турција прави еден вид на етнички инженеринг, односно после прекршувањето на меѓународното право и нарушувањето на сирискиот суверенитет и територијален интегритет, сега практично ќе ги протераат Курдите од своите домови кон југот на Сирија, а во близина на турско-сириската граница ќе населат Сиријци.



Спонзорирани линкови

Маркетинг