Екстравагантни гејши, спортски гламур, носталгија кон минатото...: Еве како помина овогодишниот Моден Викенд Скопје

Кармин

04/11/2019

10:37

1.577

Големина на фонт

а а а

Со импресивна ревија на македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева, заврши дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување, кое изминатите три дена се одржуваше во Музејот на град Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70-тиот јубилеј на монументалниот објект во метрополата.

Моден Викенд Скопје започна со претставување на новата зимска колеција „REM“ од Ирина Тошева, преку која таа ги истражува ликовното творештво и надреализмот како појдовна инспирација. Според неа, потпирањето на секвенци од соништата и потсвесните мисли, резултира со најчиста форма на мода, како „противотров“ на светот околу нас. Креациите се изработени со еколошки материјали од банана и пченка, кои се алтернатива на памукот. 


Доследна на оригиналниот пристап за презентација на парчињата, нејзиниот избор овојпат падна на модел(к)и налик на дрег кралици, во соработка со шминкерот Небојша Пешевски, Schuster, La Dama и D'eyeko. Ревијата е дел од поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2019-та година од Министерството за култура.

Како втора следуваше Кренаре Ругова, гостинката од Косово, чијашто модна визија за есен-зима ‘19/’20 е нослива гардероба од природен текстил и со унифицирани геометриски форми, нудејќи им отмена и рафинирана силуета на сите модерни жени. Дава чувство на сила и комфор, независно од животното темпо. Истовремено, ги одразува потребите на личноста во актуелното социјално окружување.


Под сјајот на рефлекторите и блицoт на фоторепортеите, блесна и колекцијата на SIGMA Jewelry , брендот за луксузен накит и префинети модни додатоци. Честа да ја отвори гламурозната ревија ѝ припадна на македонската музичка ѕвезда Викторија Лоба, која е нивно заштитно лице и повеќегодишна соработничка. Третите по ред учесници на настанот, навистина ги импресионираа присутните, демонстрирајќи ги најновите модели од богатата палета на аксесоари.


А, дека крајот го краси делото, потврди модниот филм и перформансот „+7 HOURS“, во реализација на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 од Софија, под водство на кураторот Нели Митева. Во прашање е проект што има за цел да ги вкрсти бугарската и јапонската култура низ јазикот на визуелното.


Финалниот резултат се екстравагантни креации, заеднички создадени од девет модни дизајнери од Бугарија, како и четири студенти по моден дизајн од Јапонија. Седум часа всушност е времето кое ги „дели“ како разлика овие две земји. Главната улога во истоимениот филм што го придружува перформансот ја толкува актерката Ирмена Чичикова. Го истражува феноменот за современиот урбан живот, пресликан во футуристички варијанти на традиционалните кимона и носии.

Вториот ден од програмата започна на железничката станица со авангарден перформанс на Теодора Митровска, која со стариот воз на Јосип Броз Тито, ги одведе мноштвото домашни и странски посетители на чудесно патување низ времето на стара Југославија. 

Македонската дизајнерка со лондонска адреса, прва го отвори вториот ден на Моден Викенд Скопје, приредувајќи несекојдневна визуелна презентација на машката колекција „20.18“, во соработка со партнерот за обувки ARTHUR’S shoes. Брендот со нејзин потпис е препознатлив по константните обиди да ги инкорпорира елементите од нашата култура, концептот за работничката класа, односно естетиката на униформите.


Инспирацијата за креациите е длабоко лична и интимна, со одредена доза и на темнина, а цели да создаде андрогини неземски војници на модерното доба. Си поигрува со мажественоста и родовите стереотипи кога е гардеробата во прашање, па истражувајќи нови текстилни техники и неконвенционални материјали, таа настојува да ги урне ваквите бариери.

Програмскиот дел продолжи во Музејот на град Скопје, со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд Jar & Jam, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух, особено во зимските месеци. Футуристичката визија и иновативноста како нивен заштитен знак, воочлива е и во последната колекција насловена „Tempo & Patience...Sweet temptation“, којашто неодоливо го оживува духот на 90-тите години од минатиот век.


Првите чекори на домашната сцена вечерта ги направи Мила Спасовска под етикетата Yamuna, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас. Ни ја подарува убавината која стои зад внатрешната војна. Го гледаме човекот како си игра со временските непогоди и како чекори низ нив. Го гледаме човекот како е подготвен за секоја непогода, а воопшто не е подготвен за блаженство. Внатрешната наспроти надворешната борба и вечното тежнеење кон сопствена револуција.


Со ревијата за „LA NUIT“, доминантно на модната писта настапи и Зана Алиу, на која визијата оваа сезона ѝ е да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното. Според дизајнерката, таа е царица на општеството. Толку едноставна и толку комплицирана. Таа е тивка и скромна, но истовремено и арогантна, бурно изразувајќи ја страста, мистеријата, љубовта, сексипилноста. Црната има сѐ и нејзината убавина е апсолутна, а истото го демонстрираше и низ креациите кои не ја оставија публиката рамнодушна.


Финишот на саботниот ден беше резервиран за нетрпеливо очекуваниот проект „Нитка“, чиишто учесници ѝ се претставија на јавноста со заеднички перформанс, во рамките на Моден Викенд Скопје. Станува збор за групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера - плетењето.


Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, шестмината за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает, преведувајќи ги на модерен начин во своите дизајни. Рачно сплетоа оригинални модели, работејќи во тандеми, а конечниот резултат е изненадувачки. Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура, во склоп на манифестацијата „Нов културен бран“ во 2019 година.

Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, први на третиот ден од Моден Викенд Скопје докажаа студентите од Академијата за Моден Дизајн во склоп на „Џолев и уметностите" и „Сеавус Едукативен и Развоен центар", преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.


Идеологијата која ги врзува „Attitude “на Елена Маџирова, „Back to the roots ” на Ангела Доневска, „Memory of a town “ на Мирјана Јосифоска, „Vanity ” на Ана Марија Атанасовска и „Рефлексија“ на Марија Стојановска е општествената одговорност. Тргнувајќи од грижа за околината во која живееме и работиме, до создавање производи водејќи грижа за ефективно учество во социјалниот, еколошкиот, умствениот, како и економскиот напредок на нашето окружување.

Наталија Терзија премиерно ја промовираше линијата за sport-glam облека „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Колекцијата се состои од петнаесет безвременски изгледи, кои се создадени за непрекинато движење, како есенција на животот. Во целиот концепт на оваа модна линија, таа развива поттик за виталност и здрава свест низ урбана димензија, кршејќи ги бариерите во однос на телесните облици и наметнатите општествени стандарди.


Како претпоследна учесничка на настанот, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ја прикажа Сара Реџиќ. „Romantic fall“ е името на колекцијата со која во нејзин препознатлив стил, дизајнерката сака да ја разубави претстојната сезона. На модната писта излезе со дваесет и пет креации изработени од безвременски материјали, давајќи им повторна шанса да светнат во полн блесок и сиот раскош што го носат во себе. Бидејќи е голема вљубеничка во рачната изработка, ниту овојпат не изостанаа карактеристичните рачно изработени детали. 


Со колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Gjorgieva“, поддржана од Merz Spezial, козметичката линија за убавина, чии производи гарантираат целодневна нега, свежина и здравје на кожата, косата и ноктите, пак, официјално заврши програмскиот дел на јубилејното издание. Испратена со аплаузи и овации, македонската дизајнерка предизвика вистинска бура од емоции со парчињата облека, акцентирајќи дека да се сакаш себеси е една од најмоќните и највистинските емоции во животот. Пред и после секоја одржана ревија, повторно можеше да се слушнат изведбите на Јон Бела и бендот Moonage. 


Десетта година по ред, градот пулсираше во ритамот на Моден Викенд Скопје, благодарение на мноштвото покровители и пријатели на настанот. Во чест на дваесеттиот јубилеј, се наздравуваше со Johnnie Walker Highballs, квалитетните вина на Vizba Valandovo Winery, како и жолта ракија од Antika 5. За вистинско освежување со стил, официјалната вода на настанот е Пелистерка, домашен бренд со традиција од 1953 година. За страствените љубители на кафе, пак, официјален топол напиток е Essse coffee. 

Музејот на град Скопје се преобрази во оаза на гламурот со ексклузивните дизајнерски парчиња мебел и аксесоари од KARE Macedonia. За сигурен и комфорен авио транспорт на специјалните гости од Обединетите Арапски Емирати се погрижи компанијата Qatar Airlines. Нудејќи им елитно сместување со пет ѕвездички и врвна услуга, хотелот ARKA ги пречека останатите стански посетители во ултра модерни соби во старото јадро на градот. За безбедноста на сите посетители на настанот, како и секогаш, присутен беше професионалниот тим од MDN обезбедување. 

Занесниот изглед на манекенките му беше доверен на брендот Revlon Professional во соработка со Bube Studio IN, како и партнерот за шминка Kryolan во соработка со визажистите од школата за убавина Art. Студиото Fit Family ги насочи и им ги подобри животните навики, како би се чувствувале удобно и самоуверено, затоа што грижата за сопственото здравје е од примарна важност за секого. За чиста и зачувана гардероба – препораката на Моден Викенд Скопје е брендот Perwoll. 

*Автор на фотографии: AD Photography


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk