Дац и Митевски второ место на Макфест: Искрено и отворено за Точка

Точка

14/10/2019

21:39

5.117

Големина на фонт

а а а

Три дена, на 10, 11 и 12 октомври, сцената на домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип беше местото каде што триесетина пејачи и групи, заедно со своите авторски тимови, се трудеа да остават што подобар впечаток и, пеејќи во живо, да му го вратат стариот сјај на фестивалот „Макфест“, кој годинава се одржа по 34-ти пат.

Првото место го освои младиот Мартинијан Кириловски, а веднаш по него - втори беа Александар Митевски и Драган Спасов Дац, со композицијата „Уште ми фалиш“. Емотивната балада, со староградски ритам ги галеше срцата на публиката и на оние пред малите екрани. Во првата полуфинална вечер, Дац и Митевски беа на врвот на листата за влез во финале. Ја освоија публиката, но и жирито. Со тоа беа едни од фаворитите за победа, иако до самиот крај беше неизвесно кој ќе се закити со титулата победник на ова шоу и ќе ја освои наградата од 5.000 евра.

На коктелот кој беше после завршувањето на фестивалот, освен со Мартинијан, тимот на Точка поразговара и со Драган Спасов-Дац и Александар Митевски.


Иако веќе заврши финалето на Макфест, еуфоријата не стивна, па затоа и сакавме додека целата атмосфера е уште загреана, да ги слушнеме нивните впечатоци од настапот и целокупниот фестивал.

„Сцената е моја. Јас сум актер, не е 'мое' пеењето, но немам проблем со него. На сцената ми беше убаво, би беше забавно, навистина. Ова за мене е една прекрасна забава. Убави луѓе, убави гласови, убави песни, убави текстови.... Убав е Штип и мислам дека овој Макфест ги сплотува некако луѓето во Македонија. Убаво е да се има еден ваков фестивал во земјата“, вели Дац за Точка и додава:

„Нашата музика е на едно високо ниво. Од памтивек па сè до денес. Сакам на младите да им порачам да прават повеќе музика, бидејќи еве, Мартинијан е младо момче кое ја доби првата награда и од срце му честитам.“

Го прашавме дали е задоволен со второто место, и дали имал поголеми очекувања од фестивалот, на што искрено одговори.

„Секој кој дошол да се натпреварува за нешто, доаѓа со надеж дека ќе освои прво место, нели... И, глупаво би било некој да вели 'ај трето место да бидам' - значи не е сигурен во себе. Сите доаѓаме овде за да покажеме дека сме добри во нешто. Од нас имаше и подобри, според публиката и жирито, но ете ние сме второ место. Во секој случај јас сум презадоволен“, објаснува актерот.

Нивниот настап во полуфиналето се разликуваше од оној во финалето. Тие имаа уште еден член на сцената - Виолета, која целиот текст го пренесуваше и на знаковен јазик, со што уште повеќе ги доби симпатиите од публиката, но и од жирито.

„Вчера ми текна на Вики. Таа нѝ е пријателка и веднаш ја прифати поканата. И мислам дека убаво направивме што ја викнавме и што беше дел од фестивалот“, вели Дац.

Сепак, и после високиот пласман кој го освоија на Макфест, тој повеќе нема да настапува на фестивали. 


„Овде завршувам со фестивалите, не се појавувам повеќе. Нема потреба, ова ми беше забава, сакав само да го запознаам овој другиов свет. Убав е, сè е тоа во ред, но јас сум глумец. Ова ќе им го оставам на пејачите. Но, тоа не значи дека се откажувам од музиката. Напротив, со Александар спремаме друга песна за која може ќе излезе и спот“, заклучува Драган Спасов-Дац.

Многу изведувачи, музичари, композитори, новинари, камермани во фоајето на Домот за Култура „Ацо Шопов“. Но, сепак, на крајот успеавме да стигнеме и до Александар Митевски. Тој освен што настапи со Дац, на фестивалот имаше уште една негова песна - песната на Росана, со наслов „Спомени“.

Кога му пријдовме, сè уште беше под импресии од сите случувања во изминатите три денови, особено вечерта, по финалето. Иако неизвесноста заврши, тој уште беше видно возбуден. Но, без проблем сакаше да нѝ објасни како се чувствува после сè.

„Убаво се чувствувам после настапов, бидејќи долги, долги години не сум бил на фестивал, и ова е едно големо враќање и за мене“, започнува Митевски. 

„Посебно ми е драго што на овој фестивал имав две песни. Освен што настапив со Дац, и на Росана песната е моја. Двете песни одлично поминаа кај публиката, гледам дека веќе се споделуваат и на социјалните мрежи. Тоа нѝ беше и главната идеја за целата оваа приказна со Макфест“, додава Александар.

Нѝ објаснува како дошле до идеја со Дац за соработка, со оглед дека тој е актер и никогаш порано не пловел во музичките води.

„Ние со Дац приватно многу се дружиме и така некако спонтано настана идејата да правиме музика заедно. Прво излезе една песна на Охрид Фест, а оваа ја чувавме за Макфест. Ја подготвувавме 2-3 месеци. Убаво искуство бидејќи најдовме некој модус, тој да може да пее, а и да рецитира стихови - тоа е она што е специфично и што не се гледа и слуша секојдневно кај нас. Гласовите многу нѝ се совпаѓаат, тој како актер, јас како пејач, навистина убава спојка“, нѝ објаснува пејачот. 

Иако не го освоија првото место, еве го неговото видување за 'иднината' на композицијата со Дац, но и мислењето за песната на Росана. 

„Задоволни сме од пласманот. Баш денеска разговаравме дека нема да размислуваме на награда. А, денеска и спот промовиравме, што значи дека песната ја гледаме над фестивалот. Во секој случај драга ми е наградата, сепак е висок пласман. Исто така многу ми е драго што Росана на некој начин доби валоризација. Очекував дека и таа ќе добие некоја награда, за тоа ми е навистина криво, бидејќи заслужи да биде еден од тројцата лауреати. Росана е многу пребирлива за песни. Многу автори ѝ нуделе песни и текстови, но таа не прифатила, особено не да се врати на фестивал за забавни мелодии. Но, едноставно не можеше да ја игнорира оваа песна. Ја викнав да ја слушне, а веќе наредниот ден ја снимивме. Оригиналната нумера од неа е всушност првата демо снимка“, вели Митевски за Точка. 

Иако не ја следи кариерата на овогодишниот победник, сепак драго му е што наградата отишла во негови раце.

„Мартинијан е супер момче, одлично пее. Искрено, не ја следам неговата кариера, знам само дека настапувал на шоуа за таленти. Но, во секој случај ова е добра порака дека треба да се даде шанса на младата сила. Јас некако така го гледам овој фестивал, да биде мешавина и од млади и од искусни пејачи“, заклучува Александар Митевски. 

Пред вакви изведувачи, композитори и уметници како Александар Митевски, Драган Спасов Дац, Мартинијан, Росана, Ристо Самарџиев, Тоше Поп-Симонов и многу други музички имиња кои оваа година дефинитивно го вратија сјајот на „Макфест“ - треба само да се поклониме и да им посакаме да продолжат да создаваат квалитетна музика која ќе се слуша низ годините што следат.

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг