Васил Толевски: Македонија е исклучително податлива почва за сатира

Точка

09/09/2019

10:40

4.571

Големина на фонт

а а а

Сатиричар не се станува, не се учи, туку се раѓа. Или имаш сенс за културна критика или си само некој партиски букач, пишувач на колумни, кој за сендвич и сок плука по наредба на некој политичка мивка, или партал- вели сатиричарот Васил Толевски. Роден е во Будимпешта (Унгарија). Дипломиран машински инжинер. Пишува афоризми, сатирични приказни хуморески и монодрами.

Објавено: Збирки афоризми - “Четири чекори до вистината”, “Музика за глуви”, “Исусе, Луцифер не вика”, “Македонијо, мајко, кој ни е татко”, “Библија за неверници” ,“Маде ин Мацедониа”;”Исусовите антихристи “ , “ Сува река “ и “Пеколната рајска градина “.

Приредувач на aнтологии и панорами на афоризми - “Антологија на македонскиот афоризам”, “Антологија на балканскиот афоризам 1-2”, “Бисери на балканскиот афоризам 1-2-3”, “Нашите пријатели 1-2”.

Застапен во антологии и зборници на афоризми.

Наградуван во земјата и странство. Најомилени награди му се: Радое Домановиќ, Типар, Златна алка, Златен круг и Наџи Наман (Либија).

Има ли плодна почва за развојот на сатирата во Македонија?

Македонија е исклучително податлива почва за развој на сатирата, токму поради тоа што подлогата за квалитетна сатира лежи во севкупните општествени односи кои владеат во неа. Земја која 20 години талка низ просторот и времето, неможејќи да си најде вистински пат кон иднината, е објект за сатирично-хумористична обработка. Земја која царува со негативности е вистински позитивен пример за развој на сатирата. Но, мора да се земе фактот дека за развој на сатирата мора да има и доволен број на квалитетни творци, кои покрај писменост, образованост, мора да имаат и огромна количина на храброст. За наша жал, а и за жал на читателите, вакви јунаци има сé помалку.

„На Македонецот не му пречи да го префрлат

да живее од Македонија во Сахара!

Пустина си е пустина!“

„Во мојата земја нема масовни гробници.

Освен ако не ја сметате мојата земја!?“

„Убаво е Македонецот да има повеќе кози.

За секој комшија по една!“

Кои ви се најинспиративни ликови?

Сатирата е сложена литературна форма. Таа во себе содржи критика, филозофска размисла, ироничен хумор, а главна цел и е да исмее и да го укори предметот на опсервација. Долги години наназад сведоци сме на накарадниот политички систем, кој фати длабоки корења во сите пори од живеењето. Буквално, го презеде кормилото на нашето живеење. А сето ова е резултата на разулавен дел од народот, кој го нарекуваме – политичари. Значи, нормално е да главните виновници ги бараме во политиката. Јас сум еден од најжестоките балкански автори кои се занимаваат со политичкиот афоризам. Буквално, целото мое творештво е обележано со битка со политичарите. Тоа се моите најомилени ликови, како што се шутовите за децата. Јас сатирата ја сфаќам како критика на живеењето. Морам да надополнам дека сатирата не смее да се занимава со одредена личност, по име и презиме, туку со цел еден сталеж на дегенерици. А кој ќе се препознае во овој сталеж, значи, на него му е мувата на капата. Па, макар да е и гологлав.

Има ли зрелост за сатирата?

Сатирата мора да има свој развоен пат и траекторија на движење. Писател-објект на критика-читател; тоа се трите постулати кои мора да се надополнат еден со друг. Зреењето на сатирата како литературен род мора да биде во нагорна линија, онолку колку е во надолна линија живеењето во општеството. Кај нас, во Македонија, имаме типичен сублимат на овие развојни моменти, кои укажуваат на целосна зрелост за сатирата. А конечниот суд за добра сатира го дава читателот.

„И покажавме на Европа дека сме стабилна земја.

Не се помрднавме од место!“

„Невработениот Македонец можете

да го препознаете по вратоврската.

Врзана му е за гранка!“

„Тоа што телето преку ноќ стана вол,

не е заслуга на науката, туку на избирачите!“

„Првиот направи да сме последни!“

Какви опасности крие сатирата?

Острицата на сатирата е страв и трепет за причинителите на разрушените народни соништа. Еден врвен сатиричар е државен непријател број еден за владетели во земја која сакаат целата да ја приграбат. Сатирата попрво ќе натера некого да се замисли отколку да се насмее. Властодршците се како кучиња на кои им приоѓате додека јадат, р'жат и ви ги покажуваат забите. Сатирата, онаа остра, бескрупулозна, која не знае за милост кон елитата на негативците му носи проблеми на самиот автор. Од негово игнорирање, па сé до одмаздување на начин кој го одбираат властодржците. Кај нас тоа би било репресии на своите работни места, закани кон најблиските, менување од работа и сијасет други глупости. Ова и јас го имам почувствувано на својата кожа, а го почувствувале и моите најблиски. Сето тоа поради незрелоста на оние кои се засегнати од моите пишувања. Не сфаќањето и вистинската порака се главна опасност во сатирата. А не помалку опасност се содржи и во алегоријата, двосмисленоста и хиперболата, кои се најсилните оружја на сатирата.Затоа, најдобар читател на сатирата се интелигентните и чесни луѓе.

„Водачот свечено ја отвори депонијата за ѓубре.

Прв влезе внатре.“

„Можеби не знаат да соберат два и два,

ама на народот му собраа сe!“

„Премиерот ќе го почитуваме како Господ

дури кога министрите ќе станат ангели.“

Дали е власта во Македонија подготвена да трпи сатирични творби?

Темната интерпретација на сатирата, злонамерноста и толкувањето на напишаното е рак-рана на овој литературен род. Најопасен и за пишување и за читање. Поради ова секоја власт е најголем непријател на сатираата и сатиричарите. Што би властите во Македонија биле поинакви, без оглед дали се работи за оваа, минатата или предминатата власт?! Власта е кошница од трутови, понекоја пчела и пчелар кој моли Бога нешто да извади за своите дребни дечиња. Јас велам: Блазе на нас што и пчелите не се во политиката. Инаку, наместо мед и тие ќе ни даваа лај.а.

Колку се заинтересирани младите за создавање сатира?

Сатиричар не се станува, не се учи, туку се раѓа. Или имаш сенс за културна критика или си само некој партиски букач, пишувач на колумни, кој за сендвич и сок плука по наредба на некој политичка мивка, или партал. Младите се основа на сé, а би требало и на сатирата. Реално да се запрашаме: Колку младиот човек може да очекува од сатирата? Денес младите летаат преку граница за едно парче леб и достоинствен живот. Тука не гледаат ништо убаво. И како би создавале, кога во МК нема ниту едно вистинско списание, ТВ-емисија или некакво сатирично кабаре? Затоа, интерес за пишување пројавуваат мини-минимален број на млади.

„Нормално е политичарите да имаат

поголема плата од поповите.

Повеќе луѓе закопуваат!“

„За добар секс се потребни двајца.

Добар народ и лоша влада.“

„Член на мафијата не може да биде било кој.

Мора да е барем блиску до власта!“

„Нашата Влада е најдолга.

Главата и е во облаци, а задникот во фотелја!“

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг