Јутјуб избришал снимки од борби со роботи поради – суровост кон животните

Супермен

23/08/2019

17:27

1.122

Големина на фонт

а а а

Компаниите како Јутјуб и Фејсбук имаат големи проблеми со контролирање на содржините кои се објавуваат на видеосервисот односно на социјалната мрежа, а и покрај сите напори кои ги вложуваат, користењето на вештачката интелигенција, алгоритмите како и луѓето кои ги прегледуваат содржините, јасно е дека е невозможно да се контролираат милиони фотографии и видео записи.

Една од политиките на Јутјуб е да се отстрануваат видеозаписи во кои е прикажана суровост кон животните, односно содржини во кои животните се користат во борби. 


Правилата, според тоа, се однесуваат на борбите со животни, но во нив не се споменуваат роботи. Но, во последните неколку дена, дел од корисниците кои на Јутјуб објавувале видеозаписи од борби со роботи останале изненадени кога компанијата им ги отстранила видеата, а уште повеќе се изненадиле кога ја прочитале причината – поради суровост кон животните.

Биле отстранети голем број видеа и дел од корисниците добиле и опомена поради објава на таквите видеа – за какви борби станува збор, можете да погледнете во приложеното видео кое било (привремено) забрането.

Откако корисниците стапиле во контакт со Јутјуб и барале објаснување, од компанијата ја признале грешката и ги вратиле видеозаписите кои ги избришале, со објаснување дека немаат политика за забрана на видеа на борби со роботи. Тие напоменале дека, со оглед на тоа колку видеа мора да контролираат, понекогаш прават грешки, но корисниците имаат можност за приговор така што грешките можат брзо да се поправат.

Во некои од видеата биле користени имиња на животни по кои биле наречени роботите, што можеби е и причината поради која алгоритмот на Јутјуб тие видеозаписи ги препознал како насилство и суровост кон животните.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk