Хелсиншки: Говор на омраза најмногу има меѓу малолетни Македонци и Албанци

Нетпрес

22/07/2019

13:47

1.297

Големина на фонт

а а а

На денешната прес конференција на Хелсиншкиот комитет за човекови права, по повод Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза, беше презентиран Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2018 година.

Преку тековниот проект „Превенција од дискриминација и справување со криминалот од омраза и говорот на омраза“, кој седум години по ред е финансиски поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Хелсиншкиот комитет во периодот од 2013 до крајот на 2018 година евидентираше 508 инциденти сторени поради омраза.

Во 2018 година регистриран е досега рекорден број на инциденти (123) споредено со сите претходни години. Трендот на зголемување на регистрирани инциденти сторени од омраза продолжува и во 2019 година, односно заклучно со јуни годинава, евидентирани се вкупно 109.

Бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64% од сите регистрирани инциденти. Скоро сите се случиле помеѓу припадници на македонската и албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство на жртви и сторители се малолетни лица/младинци.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска посочи дека Комитетот е единствен субјект во земјава, кој со поддршка на Мисијата на ОБСЕ го следи овој феномен, а Република Северна Македонија е единствена во регионот каде што државата не го прави тоа континуирано и систематизирано. Државата и понатаму не презема мерки за да ги спречи делата од омраза, но и говорот на омраза кој е главен фактор за предизвикување насилни инциденти. Според Пировска, главната забелешка е за Јавното обвинителство, кое не ги процесуира пријавите (ниту една од големиот број пријави поднесени од Хелсиншкиот комитет нема исход). Судовите, исто така, не ги третираат овие дела соодветно, односно не ја праќаат пораката дека државата се справува со овие дела.

Хајди Штерјова Симоновиќ нагласи дека за 123 инциденти минатата година, поднесени се само 24 кривични пријави, и тоа за случаи каде се инволвирани јавни личности и политичари, но не и за оние каде сторители и жртви се малолетници. Таа посочи дека Скопје е најнебезбеден град, имајќи предвид дека најголем број инциденти се случиле во општините Гази Баба, Центар и Чаир.



Спонзорирани линкови

Маркетинг