Австралија го отфрли барањето на Нов Зеланд за прекин на депортацијата на осудените криминалци

Макфакс

19/07/2019

14:15

1.179

Големина на фонт

а а а

Австралија нема намера да ја спречи депортацијата на осудените криминалци од Нов Зеланд во нивната татковина и покрај личната молба од премиерот на Нов Зеланд, Хасинда Ардерн, за ставање крај на праксата, пренесува „Брејтбарт“.

Австралија во 2014 година воведе задолжителна депортација за сите странски државјани кои добиле затворски казни во траење од 12 месеци или повеќе, а најзасегнат е австралискиот сосед Нов Зеланд.

Околу 1.500 Новозеланѓани се опфатени со новите мерки- речиси половина од вкупно 4.000 – а Велингтон изрази загриженост некои од депортираните пораснале во Австралија и немаат никакви врски со Нов Зеланд.

Австралискиот министер за внатрешни работи, Питер Датон, негираше дека се издвојуваат Новозеланѓаните, објаснувајќи дека политиката е универзална и дека нема да се промени.

„Ако дојдете како граѓанин на Нов Зеланд, или како Британец, или од каде и да потекнувате, вашата земја на потекло е местото каде што се враќате ако сте извршиле кривично дело”, изјави тој за „Ченел 9“.

Датон рече дека неговата влада е решена да се заземе за сите Австралијци.

„Кога имаме австралиски државјани кои се жртви во одредени околности во кои луѓе сексуално ги напаѓаат децата, на пример, вложуваме голем напор да ги депортираме тие педофили”, рече тој.

Забелешките на Датон следуваа откако Ардерн изрази загриженост за политиката пред состанокот во петокот со австралискиот колега Скот Морисон во Мелбурн, пренесува „Еј-би-си њуз“.

Нов Зеланд и Австралија им нудат автоматски права за престој на државјаните на соседот и речиси 700.000 Новозеланѓани ја користат предноста на посилната економија на нивниот сосед.



Спонзорирани линкови

Маркетинг